„Елит“, прва сезона: Вулгарна и ефикасна

„Во никаков уметнички занес, „Елит“ ги склопува сите елементи на добра средношколска драма со внимателнен напор да инкорпорира вистинска човечка емоција во склоп на настани и табиети кои тешко може да се најдат на едно место (а тоа да не е затвор).“

„Елит“ е шпанска серија во продукција на Нетфликс што ја следи приказната на тројца тинејџери од скромно потекло кои, под доста чудни околности, се префрлаат во елитно училиште инаку пристапно само за богати синови и ќерки. Уште во првата епизода се дознава дека еден од ликовите е убиен и тоа е централната мистерија во оваа сезона. 

И заплетот и расплетот се на моменти дискутабилни, бидејќи серијата се стреми да ги шокира гледачите, дури и на сметка на логичкиот развој на настаните. Сепак, монтажата е ефикасна, сценариото си ја врши работата, а глумата добро ги служи ликовите кои сами по себе се едноставни. Целата прва сезона се врти околу Марина (Марија Педраза), бунтовна тинејџерка која не си ја закопчува до горе кошулата и од време на време оди на туристички посети во средната и ниска социјална класа. Таа е и ХИВ позитивна. 

„Елит“, преку Марина, ја истражува оваа дијагноза и што таа значи во 21 век, медицински и социјално. Ова е веројатно најскапоценото нешто што „Елит“ има да го понуди во морето на добри и лоши серии, бидејќи „ХИВ“ не е често обработена тематика, а уште помалку во контекст на богата, стрејт тинејџерка, и без мелодраматичните сценариски елементи кои многу често се опашка на ХИВ-позитивни ликови. Не е мала шансата гледачот да биде соочен со застареноста на своите разбирања, можеби непорменети од епидемијата во 80-тите. 

Сепак, нејзината приказна поголемиот дел од времeто е засенета од второстепени заплети, забави, алкохол, секс, дрога, циркони, корупција и спреј за коса. Со кастингот на очигледно постари глумци се пропушта приликата овој гламур и разврат да служат не само за да задржат внимание, туку и да ги прикажат последиците на пребрзото пораснување.

Нема некоја поента да се набројуваат „гревовите“ на „Елит“. Во најмала рака, серијата е сосема искрена во врска со својата функционална вредност. Таа е 100% шпанска, 100% мелодраматична и 100% тинејџерска. Во никаков уметнички занес, „Елит“ ги склопува сите елементи на добра средношколска драма со внимателнен напор да инкорпорира вистинска човечка емоција во склоп на настани и табиети кои тешко може да се најдат на едно место (а тоа да не е затвор). 

Гледачот, особено гледачот со слабост кон тинејџерски драми, може сосема слободно и без грижа на совест да си дозволи да се опушти со овие сценарија, кои нудат и некакви општествени коментари и пораки за гледачите на кои тоа им е битен дел од гледачкото искуство. „Елит“ е серија што треба да се ужива како добра крофна од Хром – ретко, со усул, и без никаква грижа на совест. А за тие на кои што ќе им се заарни, излезени се уште три сезони.  

Гледачот, особено гледачот со слабост кон тинејџерски драми, може сосема слободно и без грижа на совест да си дозволи да се опушти со овие сценарија, кои нудат и некакви општествени коментари и пораки за гледачите на кои тоа им е битен дел од гледачкото искуство. „Елит“ е серија што треба да се ужива како добра крофна од Хром – ретко, со усул, и без никаква грижа на совест. А за тие на кои што ќе им се заарни, излезени се уште три сезони.  

Севдалина Дамевска

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.