„Ангели во Америка“ e мини ТВ серијата од шест епизоди и адаптацијата на култната театарска престава на Тони Кушнер. Тема е ХИВ епидемијата, прикажана од перспектива на неколку њујорчани чии судбини симболично се испреплетуваат. Режисер е Мајк Николс кој го зел уникатното надреалистично сценарио на Кушнер и го претворил во незаборавлив епски спектакл. Полна со фантастични елементи, омажи кон поп културата и уметноста, историски референци и религиозна симболика, „Ангели во Америка“ со сигурност ќе ве изненади и ќе ви предизвика лавина од чувства.
Во центарот на приказната е Приор Валтер (Џастин Кирк), 30-годишен хомосексуалец заболен од СИДА кој има пророчки визии од андрогин ангел (Ема Томпсон). Тој е оставен сам да се справи со визиите и со СИДА-та бидејќи неговиот дечко Луис (Бен Шенкман) се плаши да не се зарази и го напушта. Паралелно на судбината на Приор и Луис се младиот брачен пар Џо Пит (Патрик Вилсон) и Харпер (Мери Луис Паркер). Џо е републикански мормон кој има тешкотии да прифати дека е геј, а Харпер е осамена жена со ментални нарушувања која постојано епод дејство на валиум. И таа, како Приор, има вивидни халуцинации кои се мешаат и со неговите сонови. Очигледно е дека и двајцата имаат пристап до скриениот мистичен свет на ангелите.

Во серијата не изостанува ни општествената критика, конкретно упатена кон лицемерните и корумпирани лица со моќ, симболизирана со ликот Рој Кохн (Ал Пачино). Тој бил познат еврејски адвокат кој континуирано им наштетувал на правата на хомосексуалците иако самиот бил геј и починал од СИДА. Кохн ги презира маргинализираните групи и единствена водилка во животот му е општествената моќ. Во една сцена дури кажува како тој не е хомосексуалец, туку само сака да води љубов со мажи. Иронично, единствениот човек кој се грижи за Кохн во неговите последни денови припаѓа на маргинализирана група која адвокатот ја презирал и загрозувал – болничарот Норман Белис Ариага (Џефри Рајт) кој е геј Афроамериканец. Во смртната постела, адвокатот е демнет и од духот на Етел Розенберг (Мерил Стрип), млада Еврејка неправедно осудена на смрт за време на Мекарти судењата. Таа е потсетник за лицемерието и злобата на адвокатот (кој лобирал за нејзината смртна казна) како и уште еден симбол на жртвите на корумпираниот Американски систем.

Во духот на оригиналната театарска претстава, повеќето глумци во серијата играат повеќе улоги – постапка што ја нагласува флуидноста на родовиот и сексуалниот идентитет. Мајк Николс останал верен на претставата и преку нагласена театарска глума во некои сцени, едноставни визуелни ефекти и долги поетични монолози. Иако вакви театарски елементи се избегнуваат во филмови, во оваа серија совршено се вклопуваат и воопшто не ѝ пречат на приказната. Тие само ја збогатуваат серијата и ја засилуваат нејзината магија.
Многу почесто гледаме серии и филмови кои се плашат да ги скршат жанровските и aнаративните конвенции, а „Ангели во Америка“ го прави токму спротивното. Тешко е да се смести во еден ќош бидејќи е уникатна комбинација од драма, комедија, фантастика, апсурд, политичка и историска фикција, романса и епика. Таа прави многу храбри потези и при комбинирањето на теми како религија и хебрејска симболика со ХИВ епидемијата и Реганова Америка.

Мини-серијата дефинитивно вреди да се изгледа, не само поради бујната имагинација на креаторите, туку и за извонредната глума (која донесе четири Еми награди на серијата во 2003 година), острите и комплексни општествени критики и уникатно претставување на сериозен и трагичен настан како ХИВ епидемијата. Таа е вистинско уметничко дело кое дури самиот Мајк Николс го смета за негов магнум опус.
Филипа Сара Попова
*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.