Женската перспектива на Pravo Ljudski Film Festival 2021

...„фестивалот посветува особено внимание на женската перспектива, особено кога станува збор за теми кои често не се адресирани во мејнстрим културата.“

Шеснаесеттото издание на Pravo Ljudski Film Festival годинава се одржува во хибриден формат, со проекции во две кина во Сараево на почетокот на декември и бесплатен онлајн пристап до филмовите за гледачи од целиот свет во периодот 7-17 декември. Програмата содржи 49 филмови посветени на феминизмот, екологијата, културните и социјалните движења кои носат свежи перспективи за напредокот на човештвото. Како и во изминатите години, и ова издание на фестивалот посветува особено внимание на женската перспектива, особено кога станува збор за теми кои често не се адресирани во мејнстрим културата. Денес издвојувам три кратки филмови кои програмски припаѓаат во различни целини, но се поврзани токму преку пристапот на режисерките. 

„Невидлив бунт“, во режија на Пилар Монсел, се фокусира на историски важен, но малку документиран бунт во Кордоба во 17тиот век, т.н. Бунт за леб предводен од страна на жени, мајки, работнички. Нивното учество во бунтот е безмалку целосно заборавено, па Монсел се потпира на поврзани симболи за да ја визуелизира нишката помеѓу минатото и сегашноста, притоа внимавајќи да ги сподели само неопходните информации со гледачите. „Невидлив бунт“ кулминира со снимки од жени кои разгледуваат слики од жени изложени во музеј – без звучни назнаки кои би ја објасниле замислата на режисерката, на гледачот му се дава потполна слобода за лична интерпретација на ситуацијата и прашањата почнуваат да се нижат сами. Зошто женското учество во бунт за преживување не се сметало за доволно важно за да биде документирано? Зошто зачуваните историски слики од жени, често изложени по музеи, се секогаш фокусирани на жената како објект, а не субјект? Што е потребно да се промени оваа пракса, широко распространета и денес? 

Релативно нов, а многу важен пример за обезвреднувањето на женскиот труд е во фокус на „Ahorita Frames” во режија на Ангелика Леви. Станува збор за жените кои ги чистеле деловните простори и становите во Менхетен по нападот на кулите близначки во Њујорк во 2001 година. Без дозвола за престој во САД и без соодветна опрема за заштита од азбестос, овие жени стоеле рамо до рамо со американските медицински, противпожарни и воени екипи. Сепак, две децении подоцна, голем дел од нив живеат во Мексико, без никакво признание за својот придонес, освен (практично безвредните) медали кои ги добиле на крајот од работата. Леви мудро ја превртува динамиката на моќта преку преместување на приказната зад границата и „оживување“ од страна на луѓе кои не биле директно вклучени во настаните, со што го нагласува и социјалниот аспект на миграциите како изговор за надмено и нечовечно однесување. 

„Може ли планината да се сеќава“, во режија на Делфина Карлота Васкез, ги испреплетува женскиот и мигрантскиот аспект во приказна во чија главна улога е активниот вулкан Попокатепепел. Родум од Аргентина, режисерката се сели во Мексико, каде ја истражува историјата на вулканот кој, изненадувачки, се активира секогаш кога се случуваат поголеми социјални промени: освојувањето на Мексико, Мексичката револуција, феминистичките движења во земјата. Според приказните на локалците, вулканот „се буди“ секогаш кога ќе се разбуди ново движење на отпорот во Мексико. Ваквата персонификација ја нагласува силната врска на луѓето со природата, но го отвора и прашањето – зошто се потребни долги периоди помеѓу различните настани кои ја обележале историјата на Мексико? Зарем е потребно толку време за одново разбудување на граѓанската свест и адресирање на насушната промена за подобро утре? 

Јована Ѓорѓиовска