Оцена: 4.5/5
„Легендата за волците“ („Wolfwalkers“) е фолклорна приказна која ги слави природата и љубовта, а од останатите анимирани филмови се разликува поради техниката на рачно цртање. Ова филмско остварување е последниот дел од трилогијата во која спаѓаат „Тајната на Келсите“ (The Secret of Kells) и „Песната на морето“ (Song of the Sea). Сите филмови се содржински различни, а поврзани се со уникатниот стил на анимација и со ирските легенди. Дејството во „Легендата за Волците“ се случува во период на колонизацијата во седумнаесеттиот век.

Направен е од ирското продукциско студио Картун Салун, во соработка со луксембуршката куќа Мелусин Продакшнс. Во режија на Том Мур и Рос Стјуарт, приказната е лоцирана во дива и навидум опасна средина. Протагонистката Робин Гудфелоу (чиј глас е позајмен од Онор Ниси) е опкружена со луѓе кои се во постојан страв од волците, вештерките и паганите. Нејзините сограѓани нетрпеливо ги третираат дојденците и ги презираат различните од себеси. Робин ја гледа слободата надвор од ѕидините кои го одделуваат градот од шумата. Пример ѝ е нејзиниот татко, Вил Гудфелоу (Шон Бин), кој што е ловец на волци исполнет со грижи за добробит на неговата ќерка. Вил Колинс (сценаристот на оваа анимирана авантура) се инспирирал од ирската легенда за луѓе кои се преобразуваат во волци кога ќе заспијат. Ликот на антагонистот Лорд Заштитник (Сајмон МекБурни) е инспириран од англискиот генерал Оливер Кромвел кој бил диктатор. Лорд Заштитник е двигател на борбата против волци, а за нивно истребување го ангажира Вил Гудфелоу.
„Легенда за Волците“ е вистинско освежување во поглед на стилот на анимирањето. Доста се разликува од тоа на што публиката е навикната откако 3д анимацијата зеде замав и откако асоцијација за анимиран филм станаа Дизни и Пиксар. За разлика од филмовите на овие гиганти за анимација, Мур, Стјуарт и тимот направиле филм каде што секој „фрејм“ претставува уметничко дело. Тие го нагласуваат контрастот помеѓу градот – обоен со темна палета и строги прави линии, и природата – полна со живописни бои и органски форми. Втората поделба помеѓу градот и природата ја прават преку играта со перспективи. За да биде целосен емоционалниот ефект се заслужни и францускиот композитор на филмска музика Бруно Куле, ирската фолк група Кила и норвешката пејачка Аурора со песната „Трчање со волците“ („Running With The Wolves“).

Филмот беше номиниран за Оскар, Златен Глобус и БАФТА награди, а досега има освоено Сателит награда за најдобар анимиран филм, како и награда од кружокот на Њујоршки филмски критичари. „Легенда за волците“ е исполнет со безвременски теми на стравот од непознатото, силата на пријателство, искреноста на децата и процесот на себе осознавање. Тој го отвора прашањето на уништување на природата од страна на човекот и, гледањето на неа како на нешто што треба да биде ставено во кафез. Филмот ја истакнува убавината на различностите и важноста да се одржат вистинските вредности кои го слават живот, наспроти тие кои го уништуваат. Во публиката несомнено спаѓаат сите возрасти.
Анџела Арсенијевиќ
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.