Биди главниот карактер во својот живот

„Миа Хансен-Лов ни дозволува да застанеме зад камерата и да видиме како тоа изгледа отстрана, поставувајќи го прашањето - дали може да се ставиме во чевлите на некој друг?“

Кон “L’avenir“ – „Она што допрва ќе дојде“ (2016) во режија на Миа Хансен-Лов

Дали некогаш сте се возеле во јавен превоз, автобус или воз и сте чувствувале како универзумот да ја има вперено камерата во вас – вие сте главниот карактер? Сè друго станува споредно, околината се замаглува, сетилата се спуштаат на минимум, а солипсизмот го вклучувате на максимум. А кога ќе се вратите во реалноста се прашувате како сте им изгледале на другите патници, можеби и малку се засрамувате. Француската режисерка Миа Хансен-Лов ни дозволува да застанеме зад камерата и да видиме како тоа изгледа отстрана, поставувајќи го прашањето – дали може да се ставиме во чевлите на некој друг?

Навидум случајно, Хансен-Лов ја „вклучува“ камерата и почнува да го презентира животот на Натали Шазо, главниот карактер во филмската драма „Она што допрва ќе дојде“, но полека почнуваме да сфаќаме дека тоа ќе биде дефинирачкиот период во нејзиниот живот. Ниеден човек не е остров самиот за себе, па не е ни Натали. Нејзините главни животни столбови почнуваат да се разнишуваат: работата како професорка по филозофија која многу ја сака, долгогодишната врска со нејзиниот сопруг (Андре Маркон) и влошената здравствена состојба на нејзината мајка (Едит Скоб). Натали веќе не е безбедна потпирајќи се на тие столбови. Од жена која живее за да ги учи другите како да размислуваат, почнува да учи како да живее за себе. Наместо целосно да се распадне, таа ја користи цврстата „школка“ што ја има создадено низ годините и делува решително и самоуверено – барем однадвор. И покрај годините, Натали не стагнира како личност. Таа и понатаму наоѓа утеха и интелектуална страст во нејзиното пријателство со бившиот ученик – младиот анархист Фабиен (Роман Колинка). Рангот на емоционални состојби можеби немаше да има таква јачина ако главната улога не ја навигираше докажаната Изабел Ипер. Улогата која ја игра Ипер е типична за нејзината долга кариера, но изведбата не е нималку здодевна.

Во портретирањето на 50-60 годишината Натали, Хансен-Лов во својот филм го турка на страна наративот базиран врз настани (кој многу режисери го употребуваат) и му дава на протагонистот време и простор да живее. Придонес на тоа дава и суптилната кинематографија на Денис Леноар („Еден“, „Сеуште Алис“), а музиката иако ретка, дополнително ги акцентира падовите и кулминациите. Со тоа, Хансен-Лов ги претставува случките во филмот – такви какви што се – и притоа не го намалува емотивниот интензитет туку се ослободува од клишеата што може да се појават. Нејзините филмови константно се движат, а сцените прогресираат. Тоа е така и со нејзините карактери – тие постојано се менуваат пред гледачот да биде свесен за тоа. Филозофијата дека времето поминува, луѓето и врските еволуираат, или ќе бидеме во тек или нема – е и нејзината методологија во креација на филмовите.

Овој филм самоуверено постои во култура на фетишизирање на младоста. Не е често на големото платно да се гледа како една жена не ги засилува хегемоните норми на општеството и по сè што ќе и се случи, не се обидува да се „поправи“ самата, влегувајќи во непотребни филмски тропи. Истовремено и се согледува флуидноста на животните титули: мајка, ќерка, баба, сопружничка и малите моменти кога не се припаѓа во ниедна. Кога животот го делиме со некој, заедно акумулираме куп книги на рафтови, места кои сме ги посетиле – а штом се разделиме тие рафтови стануваат празни, а тие места непознати. Наместо да видиме што сè уште има таму, ние гледаме што недостасува. Но со тек на време, рафтовите ги пополнуваме со книги што само нам ни припаѓаат. Секогаш има место за она што допрва ќе дојде. 

Владимир Николовски

*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.