„Комбето“ е краткометражен филм од албанско-француска продукција кој ја следи приказната на неименуван, млад протагонист (Феникс Бросар) чија цел е да собере доволно пари за да избега од Албанија во „белиот свет“. Таков пат скапо чини, особено за двајца патници, а ликот на Бросар е одлучен со себе да го земе татко си (Арбен Бајрактарај). Решение наоѓа во борбите со непознати противници за „убав“ бакшиш, во багажникот на едно комбе кое вози и не застанува додека некој не изгуби или умре. Бросар е релативно ново име во филмската индустрија, но тој се снаоѓа во својата улога речиси исто толку вешто како и Бајрактарај, глумец-ветеран кој ќе им е особено познат на балканските гледачи.

Филмот е инспириран од документарец за слични тепачки кои се организирале во Калифорнија, но во кои се бореле кучиња. Уште во првите минути се создава врска помеѓу човекот и животното, а режисерот Ереник Беќири потоа ги отфрла сите сигнали кои луѓето научиле да ги праќаат за да соопштат дека се различни: институции, закони, некаков систем на вредности… Дури и говорот е реткост, па така приказната претежно се раскажува во тишина.
„Комбето“ служи како потсетник за „припитомениот“ гледач: под кошулите и вратоврските се крие гола кожа, а под неа крв. Човекот е животно, и тоа не многу софистицирано животно, а во глутница кучиња има хиерархија од која нема бегање, особено не за најслабото куче. „За нив сме само комарци – комарци што ги нервираат другите животни. Тука барем сме си кај нас.“, вели ликот на Бајрактарај во момент на помирување со судбината.

Стилски, филмот е ненаметлив, а авторското перо на Беќири е суптилно и потентно. Секој елемент е логичен и ништо не се прикажува само за да шокира. Тој во ниту еден момент не ни „вреска“ во лице дека знае да се служи со бои и кадри, туку просто работи како тивок господар на судбините на ликовите. Ниту ги суди или глорифицира нивните одлуки, ниту ги жали и опева нивните околности.
„Комбето“ е ретко непретенциозен краток филм кој во секој момент ги држи гледачите приземени и трезвени. Можеби со тоа им ускратува некаква антологија на бедата и некакво аудиовизуелно патешествие низ сите форми, нијанси и субжанрови со кои располага европската експериментална кинематографија. Но, им нуди приказна која е едноставна и радикална, со крај кој ќе ги „чеша“ долго по истекувањето на петнаесеттата минута, исто како каснатина од некој си комарец.
Лина Дамевска
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.