„Филм за љубов и секс во пет чина”. Ова е првата индикација што ја дава Чилеанскиот режисер Алехандро Фернандес Алмендрас на самиот почеток на филмот. Инспириран од потеклото на неговата девојка и неговите лични искуства во театар, тој во филмот „Театарска претстава” (THE PLAY AKA. HRA) со времетраење од 90 минути раскажува приказна за животот на еден театарски режисер во Чешка.

Младиот и амбициозен режисер Петар започнува да подготвува модерна адаптација на античката драма „Федра“ од Еврипид. Во истоимената драма, Федра се вљубува во Хиполит (синот на нејзиниот маж Тезеј) и постојано се бори љубомората и страста. Навидум совршениот микрокосмос на режисерот започнува да се руши кога тој мора да најде глумица која би ја толкувала главната улога. Режисерот тогаш прави аудиција, a улогата ја добива глумица која доаѓа на веќе завршената аудиција. Ова потсетува на идентичниот настан во филмот „Венера во крзно” на Роман Полански. Но, можеби само за момент може да се направи таква компарација. Црно-белата техника на снимање и тензичното пијано кое се провлекува низ целиот филм придонесуваат за увид во психолошката состојба на главниот лик (режисерот). Исто така реалистично е прикажана подготовката на една претстава со сите можни и непредвидени проблеми во театарот. Сето тоа е проследено со многу театарски мизансцен кој создава друга димензија на просторот и времето во филмот.

„Дали е ова е драма за љубов и страст?” Главниот лик не може да го одговори тоа прашање затоа што е вовлечен во круг без излез. Круг во кој има љубомора, кавги, љубовница, жена и бебе. Приватните проблеми на режисерот ескалираат. Тоа ѝ наштетува на претставата и резултира со неуспешна премиера. Гледајќи само низ црно-бела призма, главниот лик заборава дека тајната е во нијансите. Дали е предоцна за нов почеток? Со последни сили режисерот се бори да го надмине неуспехот и да се воздигне после големото фијаско.
Елеонора Теова
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.