„Агентот крт“: Горчлива таблета за развивање емпатија

„Темпото со кое филмот осцилира помеѓу шармантна шпионска драма и социјално ангажиран документарец овозможува полесно „проголтување“ на горчливата вистина за осамените станари на домот.“

Оцена: 4/5

Канцеларија полна доверливи документи, музика со Џејмс Бонд призвук (дело на Винсент ван Вормердам), нагласена ноар естетика и пензиониран агент на Интерпол (Ромуло Аиткен) кој работи како приватен детектив и интервјуира низа потенцијални соработници за најновата тајна мисија. Иако овие класични жанровски одредници го подготвуваат гледачот да очекува криминална драма со хумористични примеси ала Херкул Поаро, режисерката Маите Алберди ги користи само како почетна точка во „Агентот крт“ – невообичаен чилеански документарец кој доби номинација за „Оскар“.

Клучот кон невообичаеноста на филмот се наоѓа во барањата на најновата клиентка на Аиткен. Поради сомнежи за запоставување и криминал во домот за стари лица во кој е сместена нејзината мајка, Аиткен е во потрага по 80-90-годишен старец кој ќе се инфилтрира во домот. Единствен услов е способноста на „кртот“ да користи модерна технологија за шпионски потреби, кхм, за дневна комуникација со најблиските. Осумдесет и три годишниот вдовец Серхио Чами (чии смиреност и луцидност го издвојуваат од конкуренцијата) ја добива работата, по што се вселува во домот како еден од ретките мажи-станари. Ова, заедно со фактот дека Чами е емпатичен слушател, уште на почетокот ги привлекува очите на станарките, што ги крши шпионските начела. Постепено, старецот станува позаинтересиран за добросостојбата на станарите во домот отколку работните обврски, па тајната мисија е дополнително отежната. 

Под изговор (кој подоцна станува централна нишка на „Агентот крт“) дека снимаат документарец за состојбите во чилеанските домови за стари луѓе, филмската екипа подолго го следела секојдневието во домот пред вселувањето на „кртот“. Со тоа, режисерката мудро го подготвила теренот за пристигнувањето на Чами. Кога тој ќе започне со „копање“, станарите се веќе навикнати на присуството на камери и микрофони, па интеракциите течат автентично и слободно. Снимките од шпионската опрема на Чами се користат исклучиво за акцентирање на пресвртните точки во приказната. Во останатото време, публиката ги набљудува неговите разговори со станарките од дистанца (создадена од директорот на фотографија Пабло Валдес преку чести широки кадри и повремен фокус на странични елементи во видното поле на камерата). Ваквиот визуелен пристап го потенцира односот кон граѓаните на Чиле (и пошироко) кои ќе ја надминат „границата на општествена корисност“, соочувајќи го гледачот со премолчената функција на домовите за стари лица како места за луѓе заборавени и од најблиските. За антрополошката сензитивност на режисерката (видлива и во „Возрасните“, „Спасувачот“) сведочат и одбраните разговори помеѓу Чами и станарките. Од повеќе од 300 часа снимен материјал, Алберди тематски се фокусира на традиционалната поделба на родови улоги, табуизираната сексуалност на старите лица, начините за пронаоѓање мир со себеси и светот, и (очекувано) осаменоста која е сеприсутна во домот. 

Иако Алберди воопшто не ја коментира етичноста зад начинот на кој е снимен филмот, „Агентот крт“ ненаметливо, но упорно ги „ископува“ на виделина монотонијата во домот и потребата на станарите да бидат перципирани како функционални човечки битија (и покрај биолошко-здравствените последици од стареењето). Темпото со кое филмот осцилира помеѓу шармантна шпионска драма и социјално ангажиран документарец овозможува полесно „проголтување“ на горчливата вистина за осамените станари на домот. Уште филмот да доаѓа со лекарски рецепт – „препорачано за развивање емпатија, конзумирајте по потреба“.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say