Режисер: Jоргос Лантимос
Улоги: Oливија Колман, Рејчел Вајс, Ема Стоун
Сценарио: Toни Мек Намара, Дебора Дејвис
Директор на фотографија: Роби Рајан
Оцена: 4/5
Режисерот на култниот „Песјак“ (2009), „Јастог“ (2015) и „Убиството на светиот елен“ (2017), Јоргос Лантимос, во неговата најнова историска драма „Фаворитката“, нè враќа во раниот 18 век во Англија. Дворските игри полни со сплетки, страст и местенки се тематско изненадување од овој млад грчки режисер. Филмот беше премиерно прикажан на 75. Венециски филмски фестивал, каде освои две награди.

Ова филигранско филмско женско писмо, визуализирано според сценариото на Австралиецот Тони Мек Намара и Дебора Дејвис се гледа во еден здив. Историскиот наратив е врзан со војувањето на Англија со Франција, а во фокусот на филмот се односите меѓу меланхолична и болна кралица Ана (Оливија Колман), нејзината интимна пријателка Сара (војвотката од Марлборо која ја глуми Рејчел Вајс) и новата слугинка Абигејл (Ема Стоун). Тријадата ликови се краци на двочасовната женска филмска геомтерија, во која централно место зазема новодојдената слугинка и нејзината желба да стане дел од дворскиот живот. Кревкото психофизичко здравје на кралицата Ана и амбицијата на слугинката Абигејл преку интриги повторно да добие статус на аристократка, се двете клучни оски околу кои осцилира тематскиот опсег на филмот.

Историско-интимната драма на Лантимос е извонредно осмислена: богатите аристократски костими, волуминозниот сценографски маниризам и музичкиот еклектицизам го потврдуваат впечатокот дека овој млад и успешен грчки режисер го носи епитетот „отер“ (франц. auteur), што значи дека развива негова автентична филмска естетика со контрола врз секој детаљ, Le film d’auteur. Всушност, секоја секвенца од „Фавортиката“ содржи видлив режисерски траг. Таквата естетика стана своевиден стилски маркер на сите негови филмови. Лантимос успеа да создаде уверлив историски хронотоп со боја на дива интимност и хируршки реторички резови.

Трите лика се многу внимателно оформени и го прикажуваат психолошкиот полнеж на целосна и сурова подготвеност да се плати цената за остварување на целта. Фавортиката Абигјел дијаболично го следи интернализираниот свет на кралицата Ана преку нејзините гестови, реплики и постапки и одговара на тоа во зависност од приликите. Кралицата Ана, пак, не успева да одолее на кокетирачката игра на слугинката, па до последната сцена лековерно ужива во безграничниот „добродетел“ на нејзината слугинка. Таа е портрет на возрасен монарх заглавена во инфантилниот развој. Нејзиниот лик е брилијантно исклесан палимпсест кој крие десетици металикови кои врескаат штом се протрие нејзиниот филмски идентитет. Ана страда во трагично-комичниот обид за миговен ексапизам од себе самата, како што Сара, љубовничката на кралицата пати поради тоа што е отруена и обесправена во дворскиот живот.

Неверојатно реалистично и прецизно во заден план режисерот ги сопоставува и политичките односи меѓу Анлгија и Франција заедно со патологијата на кралицата, па оттука, филмот е политичко-емотивна епопеја за случувањата во англискиот кралски дворец.
Камерата на ирскиот директор на фотографија Роби Рајан неуморно шета по ходниците на раскошната и светкава палата, со широкоаголните леќи го доловува високиот плафон, и крупно ја портретира фацијалната експресија на ликовите. Лантимос во овој филм е како сликар-натуралист кој педантно ја слика атмосферата на Англија од 18 век. Музичката подлога во филмот го менува карактерот на сцените: од класичните дела на Хендл, Бах и Вивалди до модернистичките перформери… Музиката остава руптура во чувствувањето на ритамот на филмот.

Најновото остварување на овој перспективен грчки режисер е сторија за болката, плачот, лагата, амбицијата, ловот, меланхолијата, интригите и стравот. „Фаворитката“ несомнено содржински потсетува на адаптациите на „Опасни врски“ и „Бери Линдон“ на Стенли Кјубрик и во таа смисла, приказната е доста честа и позната: дворските игри, интригите и врските.
Можеби токму содржината на најновото од Лантимос разочара дел од публиката, особено поради тоа што неговите филмови нудеа резонантни теми со иманентна визуелна естетика, но уште поважно, беа шлаканица и филмска сатира за многу колективни ставови. За поискусните гледачи, оваа déjà vu „турнеја“го уназади режисерот во скицирањето на неговиот оригинален авторски печат преку една позната и веќе видена приказна.
Но, дури и таков, „Фаворитката“ говори питорескен филмски јазик со дива, заводлива и флуидна нарација.
В. Маглешов
*Рецензијата беше првично објавена во месечникот Филм+.