И да постои некој си бог, не би можел лесно да ги спаси ликовите од „Ѓаволот во секое време“. Филмот е најновото режисерско остварување на њујорчанинот Антонио Кампос и е адаптација на истоимениот роман на Доналд Реј Полок кој припаѓа на жанрот на јужна готика. Овој хибриден жанр ги меша општествените проблеми на јужниот дел на САД со готиката, па во него него преовладуваат психички нестабилни ликови, насилство, гротескни теми и иронија.
Настаните во филмот се случуваат меѓу две селца – Колд Крик во Вирџинија и Нокемстиф во Охајо. Едното во превод би значело „ладен поток“, а другото „убиј ги“ па уште од имињата на овие локации може да се претпостави атмосферата која владее во „Ѓаволот во секое време“. Филмот е сплетка од повеќе приказни во која секој лик е поужасен од претходниот: од љубовна двојка која убива непознати лица за забава до религиски фанатици кои принесуваат човечки жртви, во селцата ретко постои жител без крвави раце. Таму сте или убиец или жртва, а несреќата, очајот и злобата се секојдневие.

И покрај плејадата од разни крволочни ликови, приказната е сосредоточена врз главниот јунак – младото момче Арвин (Том Холанд) кој е трошката надеж во тоа општество на деградација и неморал. Низ филмот се покажува неговото созревање кое е постојано попречено од мракот кој ја демне околината каде расте и живее, па така од бебе родено во среќно семејство, Арвин постепено е „втурнат“ во живот на сирак кој е во подредена позиција и очајно се обидува да ја заштити сестра си Ленора (Елиза Сканген) од манипулативниот свештеник Престон Тигардин (Роберт Патисон).

Но, растејќи во околина во која владее „ѓаволот“, протанистот не може да остане целосно невин. Неслучајно и се одбира периодот меѓу 40-тите и 60-тите години на 20-тиот век односно меѓу Втората светска војна и Виетнам. Тогаш американското население преоѓа од една во друга траума, па така и злото во „Ѓаволот во секое време“ патува од една генерација на друга (од таткото – Вилард (Бил Скарсгард) на синот – Арвин). Во тој поствоен хаос, Арвин не може да очекува поддршка од системот и мора самиот да преземе акција, макар и тоа да значи да стане како останатите ликови и да го искористи стариот пиштол од неговиот луд татко.

Со комбинација од суптилни магични елементи и ироничната безнадежност која е присутна низ целиот филм, „Ѓаволот во секое време“ личи на морничава и нихилистична бајка. Распаднати мувлосани куќи, валкана облека и крст од скршени греди на кој има обесено куче ја надополнуваат непријатната атмосфера и се само мал дел од сценографијата и костимите на овој филм. Како шлаг врз тортата, најбруталните сцени се придружени со voice-over нарација која изобилува со црн хумор и иронични коментари, и која ја читал самиот Реј Полок.
Некои гледачи може да ги одвлече постојаното насилство и грозоморните сцени во „Ѓаволот во секое време“, но топло го препорачувам филмот за сите кои ги интересира мрачната страна на човештвото, како и за љубителите на хибридните жанрови и поствоените психолошки трилери.
Филипа Сара Попова
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.