Во последните две децении на минатиот век, светот, а најмногу Америка беше потресена од новонастанатата епидемија на СИДА. Згора на сета паника и страв, народот беше принуден да се справува и со дозата контроверзија која се наметна на притисокот поради немањето лек. „Рак“ или „чума“ на хомосексуалците беа чести називи на болеста во почетните стадиуми, сметајќи дека геј мажите се единствените кои можат да заболат. Ова води до застрашувачки брзо втемелување на предрасуди, како и зголемена дискриминација врз оние кои го имаат вирусот.
Голем број луѓе се обидуваат да се спротивстават на ваквиот пристап кон луѓето со ХИВ, меѓу кои се и многу холивудски филмаџии. Еден од нив е Питер Хортон. Тој со својата драма „Лекот“ (1995г.) се обидува да ѝ ја доближи оваа тема на публиката, нудејќи проширена перспектива.

Две момчиња, два различни светови, а ги дели само една ограда. Нивното пријателство започнува случајно, но во момент кога и на двајцата им е најмногу потребно. Ерик (Бред Ренфро), тоне во самотија, константно исмеван од група момчиња на училиште, додека пак Декстер (Џозеф Мацело) се бори со сидата, која ја добил преку трансфузија на крв. Покрај болеста на Декстер, се јавува и мајката на Ерик (Диана Скарвид) како главен антихерој, силен глас против нивното пријателство, поради сопственатата заслепеност од предрасудите.
Вештината во развивањето на сижето, земајќи ја предвид тежината и чувствителноста на темата за тогашниот период е она кое особено се истакнува. Со користење на симболиката како свое главно помагало при создавањето, Роберт Кун (сценарист) посветува исклучително внимание на деталите. Почнувајќи од оградата која го изолира Ерик од светот како симбол за ненадминливите стереотипи, па сѐ до моќта на пријателството, која го претставува мостот кој единствено би успеал да ги поврзе и обедини двете спротиставени страни сѐ си има своја суштина.

Покрај прецизно осмислената идеја, за нејзина соодветна реализација треба добро да се спроведе. Токму во глумата како клучен елемент за реализација на приказната се забележуваат најголемите пропусти. Рефро и Мацело како најмлади членови на актерската екипа покажуваат висока свест за одговорноста што доаѓа како еден вид товар со играњето на главни улоги. Но се чини како Анабела Скиора и Скарвид (самохраните мајки на момчињата) да не го дадоа својот максимум. Кон крајот на филмот Сикора не успева целосно да се соживее со сопствената улога. По смртта на Декстер таа на моменти изгледа целосно неприродно, обидувајќи се да го достигне потребниот степен на емотивност. Сепак актерката можела и поуверливо да го пренесе сензибилитетот на ликот. Од друга страна пак кај Диана има контраефект. Добар пример за тоа е првата пресметка на нејзиниот лик со ликот на Ренфро, при што изведбата ѝ се одликува со константно непотребно преовеличување на емоциите.

За крај, како најважно од сѐ се издвојува тоа што филмот ја постигнува својата примарна цел. „Лекот“ придонесува кон искоренување на нашето слепило заради кое честопати луѓето ги дефинираме со сопствените претходно оформени претпоставки за нив. На овој начин ова филмско достигнување ни го посочува противотровот за ум полн предрасуди, трпението и отвореноста кон ислушување на спротивната страна, пред донесување на каков било суд.
Евгенија Арсова
7,5/10
*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.