„Шива Бејби“: Премногу, прегласно, преблиску

„Иако настаните се сведуваат на една хаотична анегдота, режисерското деби на Ема Селигман се карактеризира со ретко добро чувство за време и простор, и таа успева да жонглира со жанровски елементи со вештина која ретко се наоѓа и кај холивудски „ветерани“.“

Кон „Шива Бејби“, 2020, САД
Режија: Ема Селигман

Во 2017, во круговите на филмските студенти се расчу еден краткометражен филм, „Шива Бејби“, како еден од најдобрите за таа година. Беше смешен и хаотичен, и многу допадлив. Три години подоцна, режисерката Ема Селигман го презентира долгометражниот „Шива Бејби“, исто толку смешен, хаотичен и допадлив, но и еден од похрабрите „coming-of-age“ филмови за 2020.

Иако настаните се сведуваат на една хаотична анегдота, режисерското деби на Ема Селигман се карактеризира со ретко добро чувство за време и простор, и таа успева да жонглира со жанровски елементи со вештина која ретко се наоѓа и кај холивудски „ветерани“. Селигман постојано ја става Даниел во тесно, ја облива во жолто-портокалови бои кои даваат ефект на сауна, па ја доближува камерата толку блиску до нејзиното лице што гледачот нема избор освен да се поти со неа. Оригиналната музика е соодветна за хорор филм и се состои само од еден жичан инструмент. Вртоглавата тензија не попушта до самиот крај, а особено ќе им се допадне на љубителите на лудо брзите и клаустрофобични филмови на браќата Сафди

Приказната ја следи Даниел, студентка во своите рани дваесетти години која од време на време, иако нема потреба од тоа, тајно работи како сексуална работничка, поточно како „шугар бејби“. Настаните во филмот се одвиваат во една куќа пореполна со сите луѓе од еврејската заедница во која таа пораснала, собрани по повод нечија Шива (еврејски период на жалење, слично на погреб). Таму, Даниел е соочена со досадни и бесчувствителни роднини и пријатели, непријатни прашања, со нејзината брилијантна поранешна девојка, нејзиниот најдоходовен клиент (т.е. „шугар деди“), како и неговата жена и новородено бебе.

На прв поглед, приказната се чини пренатрупана, непотребно рискантна и како да и фали само уште еден елемент за да се класифицира како фарса. Но, „Шива Бејби“ е мек, интроспективен филм кој ја истражува комплицираната врска која жените ја имаат со својата сексуалност и своето место во светот. Ликот на Даниел резонира со гледачите бидејќи е познат портрет на збунета млада девојка која не е баш сигурна што да прави со себе и со својата скапа диплома по „родови науки“. 

Крајот на „Шива Бејби“ е еден логичен и заслужен антиклимакс: настанот привршува, молитвата е кажана, храната се дојадува. Сите се малку уморени и не останува ништо друго освен секој да си оди по дома. А гледачот може конечно да здивне.

Севдалина Дамевска