Тивко тече Сава

„Во документарниот филм „Сава“ на Метју Самервил, Мира Фурлан го отелотворува гласот на Сава која разговара со луѓето покрај неа, низ сега поделените екс-ју држави и се обидува да ги разбере.“

2021, Метју Самервил

Низ нејзиното патување на повеќе од 990 километри, божицата Сава му носи „амброзија“ на Дунав и го храни – па величествено умира во центарот на српскиот главен град Белград. Почнувајќи од Словенија – реката Сава поминува низ 5 земји и 3 главни градови од Балканот. Нејзината одисеја носи приказни на времиња и народи, поделувајќи ги нациите, но и служејќи како артерија која ѝ вдахнува живот на земјата покрај неа. Во документарниот филм „Сава“ на Метју Самервил, Мира Фурлан го отелотворува гласот на Сава која разговара со луѓето покрај неа, низ сега поделените екс-ју држави и се обидува да ги разбере. 

Иако по потекло од Лондон, Самервил се одлучува да го реализира овој повеќегодишен проект по кратка посета на регионот. Давајќи надворешна перспектива тој се обидува да покрене дискурс за една река, за еден (историски богат) полуостров, но и за односот на човекот кон природата воопшто. Во 90 минути, режисерот ни прикажува еден вид патопис и се движи долж Сава, правејќи попатни застанувања за да разговара со луѓето што живеат покрај нејзиното лежиште. Во текот на тоа патување среќаваме најразлични човечки приказни. Постари луѓе незадоволни од пост-транзицискиот период во индустријата; млади луѓе поставени на крстосница од балкански националности; дрег кралици кои го градат својот идентитет во новоизградените градови и држави; љубовни приказни; уметници инспирирани од убавината на реката; луѓе кои се плашат за еколошката иднина на Сава. 

Кога во фокусот не се луѓето, ја слушаме и гледаме Сава. Ако човечките субјекти најчесто се прикажани преку кадри во нивните домови и соседства, Сава е прикажана низ дронски, па дури и кадри под вода. Монтажата (Горјан Атанасов) ги спојува двата елементи на реката и луѓето – создавајќи го дијалогот помеѓу нив. Овој паметен режисерски потег го прави филмот поефектен и го крева на повисоко ниво. Наместо гледачот само да ја визуализира Сава, тој и ја слуша. Мира Фурлан е актерката која ја инкарнира Сава. Нејзиниот зрел глас не само што му дава друга димензија на филмот ами таа и ги носеше истите идеи кои Самервил ги конципира во овој документарец – антинационализмот и борбата за единство; границите нè одвојуваат а природата нè спојува. 

И додека народите, знамињата и границите околу Сава се менуваат – таа продолжува да тече без предрасуди. Низ годините историските наративи се преформулираат, човечките приказни добиваат нови правци, а општествените прашања постојано се преобсмислуваат. Како деца на родители кои живееле во Југославија, оваа приказна ќе ни биде позната, а дијалозите ќе ни бидат блиски. Луѓето во овој филм ќе ги препознаеме, па дури и самите себе ќе се видиме – како во огледало. 

Владимир Николовски