„Див“ – улицата како анатомија на пеколот

Овој надежен режисер донесе визуелно моќна реалиситична драма од булеварот чии што карактери се палимпсест од минимум три идентитети: општествен, социјален и сексуален.

Режија: Kaмил Видал Накет

Улоги: Феликс Марито, Ерик Бернар, Никола Дибла, Филип  Орел

Кинематографија: Жак Гиро

Оцена: 4/5

22 годишникот Лео (Феликс Марито) кој е бездомник и геј, се проституира со мажи на улиците на Стразбур. Ова е кратката базична наративна завртка на првото деби „Див“ на францускиот писател и режисер, Камил Видал Накет. Но, иако насловот аосцира дека станува збор за карактер кој жилаво се бори со предизвиците, сепак, Накет во русоовска смисла дефинитивно раскрстил со општествената перцепција за тоа што е диво: ги одлепил сите семантички наслаги на оваа категорија и скицирал лик чиј што карактер е непомирлив и неподатлив за општествено прифаќање. 

Овој надежен режисер донесе визуелно моќна реалиситична драма од булеварот чии што карактери се палимпсест од минимум три идентитети: општествен, социјален и сексуален. Сите тие тела како да уживаат во лавиринтот на теленоста, кој скоро секогаш е идентитечен, завршува навечер на улицата каде се купува и продава задоволството. 

Но, „Див“ не е патетична слика за емотивниот крах на ликот во обидот да се пронајде себеси. Напротив. 22 годишниот Лео речиси е лишен од емоции и од договорот со општеството за тоа што е и што би требало да биде прифатливо. Нескротиливиот дух, патологијата на уличниот живот и неизвеснота на клиентите се трите точки помеѓу кои осцилира животната филмска оска на главниот лик. Лео не бара сожалување за неговиот живот. Тоа е и во миговите кога поради инфекцијата на белите дробови утрата ги пречекува на тротоарите плукајќи крв.

Харизматичниот Феликс Марито, успеа навистина уверливо да го скицира ликот на Лео, во еден полудетинест, енергетски флуид, кој свесно избрал дека улицата е неговиот природен хабитат. За улогата на Лео, Марито лани доби „Rising award“ во Кан. Портретирањето на сцените каде што Лео е интимен со повозрасни мажи и со ликови од урбаниот живот на Стразбур, не е само слика за двојниот живот на клиентите, туку и за начинот на кој функционира телесниот „меркантилизам“. 

Можеби експлицитните сексуални сцени нема да бидат издржливи за сечија желудочна дигестија, но тоа е визуелната поетика на Накет, да ги претстави и сопостави живата, психоаналитички неизмиена стварност која се случува секојдневно, а останува зад ѕидовите. Филмот започнува со преглед кај лекар, а продолжува со сцена каде што истиот тој лекар воајаерски го задоволува младиот Лео… Тој не се противи на потегот, туку ужива.. Неговото работно место е улицата каде што секојдневно доаѓаат клиенти. Впечатливо се креирани сцените каде што еден од корисниците на сексуалните услуги е повозрасен маж во инвалидска количка. Режисерот попатно го отвори прашањето за сексуалниот живот на луѓето кои се геј, а кои што имаат телесна попреченост. Оваа филмска игра со повеќе идентитети, меѓу кои, има и национални, како Срби кои што даваат сексуални услуги на клиенти на улиците на Стразбур, го категоризира тематскиот распон на филмот како прилично широк.

Камерата на Жак Гиро, која во најголемиот дел „лута“ од рака, го прецизира емотивниот квалитет на глумата, која пак воопшто не претендира да биде претенциозна. Оттука, филмот на Накет е обид за една врамнотежена визуелна натурализација на приказната.

„Див“ е визуелна анатомија за машката сексуалност и за болката, за хомоеротизмот и за ужитокот… Филмот на Накет на некој начин е близок до филмската естетика на Кетрин Бреја со нејзините филмови за женската сексуалност (како „Романса“, „Анатомија на пеколот“…), па иако ова е негов прв филмски ракопис, може да се заклучи дека му следуваат светла кариера и успеси.

В. Маглешов

*Рецензијата беше првично објавена во месечникот Филм+.