„Помирување“ – неподносливата тешкотија во изборот помеѓу прошка и крвопролевање

„Помирување“ е документарец кој не ја поедноставува комплексноста на проблемот околу ужасната традиција, туку се труди внимателно, неинтрузивно и објективно да го прикаже овој свет во кој владее патријархатот.

Кон „Помирување“ во режија на Марија Зидар, кинематографија на Латиф Касоли

Старите традиции за крвна одмазда, тешко умираат. По падот на диктаторскиот режим на Енвер Хоџа во 90тите, Албанија како и многу балкански држави сè уште е во процесот на „транзиција“- термин кој се доделува на некој вид модернизација што не му значи многу на обичниот албански селанец. Во период на социјални немири и државни реструктурирања кои како да не важат во планинските предели на северна Албанија, се случува една морбидна регенерација – стариот закон што ја легитимизира крвната одмазда, „Канун“ е „освежен“ и многу популарен како начин на решавање на интерните конфликти помеѓу селските кланови кои по години репресија ревносно „го негуваат божјото слово“. 

Токму „Канунот“ и неговото влијание врз „прогресивниот“ 21 век е инспирација за косовско-албанскиот директор на фотографија Латиф Касоли и словенечката режисерка Марија Зидар кои започнуваат долг и обемен истражувачки процес. Годината е 2014, а млада девојка трагично го губи животот кога нејзин роднина ја застрелува со огнено оружје при фамилијарна караница. Според средновековниот „правилник“, таткото може да ја врати честа на семејството на два начина: крвопролевање или да му прости на злочинецот. Овој обичај кој колку и да се смета за старомоден во Тирана или во развиените земји, тука е непишано правило, иако човекот одговорен за смртта веќе лежи во затвор.

„Помирување“ е документарец кој не ја поедноставува комплексноста на проблемот околу ужасната традиција, туку се труди внимателно, неинтрузивно и објективно да го прикаже овој свет во кој владее патријархатот. „Старешините“, свештениците и локалните активисти кои го се ситат од  настанот кружат како мршојадци околу таткото вршејќи притисок додека истите се грижат само за личната придобивка. Камерата будно ги следи додека зборуваат во тесни, клаустрофобични простории. Таа успева суптилно да ја долови непријатната тензија, па гледачот неретко е ставен во улога на директен учесник во овој темен конфликт.

Фактот што режисерската палка е доделена на жена која технички не припаѓа во овој свет на донесување одлуки кои значат живот или смрт ја прави целата разлика, зошто нејзиниот објектив дозволува да се потенцираат страдањата на најзапоставениот член на семејството – мајката. Од неа не се очекува да влијае врз крајната одлука, но камерата на Латиф Косоли се фокусира токму на нејзината тивка агонија во некој трошен агол во кадрите каде тивко следи, плаче и пати.

Ова 82-минутно остварување е и долгометражното првенче на словенечката режисерка, но тоа тешко може да се забележи. Дали долгиот процес на продукција (премиерата е 7 години откако камерата започнала да снима) придонело монтажата да извлече најмногу од снимениот материјал, е само предмет на дилема. Она што може да се претпостави е дека „Помирување“ не само што е интимен, квалитетно спакуван филм, туку е и внимателно скициран портрет на немите женски гласови во свет воден од мажи.

Петра Бранковска