„Сирово“ дело за непредвидливоста на човечките апетити

„Филмската фотографија претставува необичен спој на слики во модернистички, младешки стил со уметнички решенија и длабок симболизам.“

Суров, визуелно впечатлив и необјасниво привлечен, „Сирово“ (Grave на француски или Raw на англиски) во режија и по сценарио на Жулија Докурно ја шокира и истовремено ја фасцинира својата публика. Во секој случај не е за оние со слаб желудник – барем кога станува збор за дел од присутните на филмскиот фестивал во Торонто, кои ја напуштиле киносалата по некои сцени. Филмот од француско-белгиска копродукција беше премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2016 година. Добитник е на престижната награда ФИПРЕСЦИ, а режисерката ја заслужи почитта на филмските познавачи со својата емотивна канибалистичка приказна проткаена со брутална естетика. Особено ќе им се допадне на љубителите на овој хорор-поджанр, бидејќи претставува вистинско освежување по добропознатите „Канибалистички холокауст“, „Кога јагнињата ќе стивнат“ и поновиот „Зелениот пекол“.

Она по коешто „Сирово“ се разликува од своите жанровски предци е начинот на кој го третира канибализмот. Иако токму тоа е централниот конфликт во филмот, уште во првите мигови станува јасно дека ќе се стави поголем акцент на внатрешните превирања на една млада девојка која полека почнува да ја осознава својата мрачна страна. Вегетаријанката Жустин (Гаранс Марилиер), сѐ уште неизвалкана од пакоста на модерното општество, го започнува својот пат кон губењето на невиноста со тргнувањето на факултет за ветеринарна медицина. Таму ја пречекува нешто сосема поинакво од она на коешто дотогаш е навикната: разуздани студенти, забави без граници и безмилосни професори кои се чини дека можат да ја проѕрат нејзината затскриена ексцентричност. Сестра ѝ Алексија (Ела Румпф), популарна студентка на истиот факултет, делумно ѝ помага да се вклопи, но нивниот однос е толку комплексен и проблематичен, што понекогаш изгледа како само да сака да ѝ наштети. Единствен пријател ѝ е нејзиниот цимер хомосексуалец Адриен (Рабах Наит Оуфела), кој е тука за неа во текот на целото нејзино патешествие, не знаејќи дека тоа можеби скапо ќе го чини. 

Будењето на Жустин почнува со бизарен ритуал на јадење жив бубрег од зајак што мора да го поминат сите бруцоши. Јасно е дека тоа се коси со нејзините принципи, но очајна да биде прифатена во новата средина, успешно го положува првиот испит на повозрасните колеги. Оттука па натаму, протагонистката сѐ повеќе навлегува во својот внатрешен свет, кој воопшто не е наивен. Осознавајќи ја големината на својот апетит истовремено ја разоткрива и својата сексуалност, што му дава суптилна еротска нишка на дејството, без да го претвори во нешто вулгарно. А како што се нижат вознемирувачките сцени, така расте и неизвесноста за одговорот на клучната дилема: Да се изеде или не?

Актерката Гаранс Марилиер многу вешто успева да ја долови таа бура на новооткриени емоции, конфузијата и борбата со себеси и со своите најисконски пориви. Слатка и на моменти неодоливо застрашувачка, нејзиниот однос со камерата е зрел и толку природен што нема да се претера ако се каже дека има потенцијал да се развие во актерка која долго ќе се памети. Не треба да се потценува ниту остатокот од екипата, особено Ела Румпф, која остава исто толку силен впечаток колку Марилиер, иако е нејзина целосна спротивност и покажува поагресивна актерска игра. Музиката, во авторство на наградуваниот композитор Џим Вилијамс, соодветствува на психичката состојба на анти-хероината Жустин. Некогаш е хаотична и морничава, другпат е смирена и заводлива, но секогаш совршено го надополнува емоционалниот вител во кој таа се наоѓа. 

Друг елемент што значајно придонесува за целосното доживување на филмот е визуелниот приказ на атмосферата – заслуга на кинематограферот Рубен Импенс. Филмската фотографија претставува необичен спој на слики во модернистички, младешки стил со уметнички решенија и длабок симболизам. Тоа што голем дел од сцените вклучуваат крупни кадри од животински трупови и остри медицински алатки, дополнително го засилува она непријатно чувство што се јавува кога нешто нè згрозува, но не можеме да го тргнеме погледот од него. 

„Сирово“ може да се гледа како хорор-драма за современ канибализам на студентски кампус. Сепак, сцените не се вознемирувачки поради употребата на шок-ефекти. Тие се вознемирувачки затоа што ги принудуваат гледачите да се соочат со непредвидливоста на човечките апетити и последиците што можат да произлезат доколку не се воспостави контрола над нив. Колку и да е непријатно да се гледа како една простодушна девојка полека ја губи својата невиност и ја буди својата потисната анималистичка природа на најбруталниот можен начин, сепак режијата на Докурно успева да го зацементира погледот на публиката во екранот од почеток до крај. 

Марија Лукаревска

*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.