„Филаделфија“: Борба за живот без предрасуди, до последен здив

„Топол, искрен и поучен, „Филаделфија“ успева да разбуди емоции, без да западне во патетика“.

Во 1993 година, Холивуд конечно решава да го прекине молкот во врска со новата „пандемија“ што дотогаш цела деценија сеела страв меѓу луѓето. За да го направи тоа, одбира плејада добро познати лица кои веќе ги имаат освоено симпатиите на широките маси, што се покажува како одличен потег. „Филаделфија“, во режија на Џонатан Дем (кој две години претходно го докажал својот режисерски потенцијал со „Кога јагнињата ќе стивнат“), доживува огромен успех и им носи „Оскари“ на Том Хенкс за главна машка улога, на Брус Спрингстин за оригинална песна и на Рон Најсвејнер (кој инаку отворено е геј и активист за правата на ЛГБТ) за оригинално сценарио.

Станува збор за правна драма чие главно оружје е емоцијата, а примарна цел да поттикне емпатија. Публиката како да нема друг избор освен да сочувствува со главниот лик Ендру Бекет (Том Хенкс), адвокат во влијателна адвокатска фирма, кој плени со својата ведрина, трудољубивост, скромност и љубов кон животот. За гледачите не е тајна тоа дека тој бил инфициран со ХИВ-вирусот, што се открива уште на самиот почеток, но оваа околност е непозната за неговите претпоставени и колеги. Бекет успешно ја крие болеста додека таа не стане видлива, по што останува без работа. Изговорот е дека потфрлил како адвокат, а вистината е дека во неговото работно опкружување владеат предрасуди, лажни информации и нерационални стравови од она што е непознато и поразлично. Но, борбеноста не му дозволува да се помири со ситуацијата и тој со последни сили решава да му се спротистави на целиот општествен систем. Во тоа му помага хомофобичниот адвокат Џо Милер (Дензел Вашингтон), кој и самиот не се издвојува од толпата што верува дека  СИДА-та може да се пренесе преку воздух или допир. И покрај сите нивни непомирливи разлики во сфаќањата и погледите кон животот, нивната соработка се покажува како победничка и револуционерна.

За да ја раскаже оваа приказна, режисерот се одлучува за проверен формат и главното дејство го сместува во судница, каде што се одвива класична правна препирка меѓу гласот на обесправените и гласот на обесправувачите. Сепак, многу посилен впечаток оставаат сцените помеѓу, кои го разоткриваат интимниот живот на Бекет. Таму, всушност, се случува вистинската битка, онаа на најблиските кои се принудени да гледаат како нивниот сакан полека венее. Во овие мигови особено се истакнува болката на мајката (Џоан Вудвард) и на партнерот на Бекет (Антонио Бандерас), која е суптилна и истовремено ефектна. Трогнува и целиот систем на поддршка што го има главниот лик, љубовта што ја добива од семејството и пријателите, нивното разбирање и прифаќање на неговите животни избори, иако надворешниот свет ги осудува како погрешни. Не треба да се занемари ниту личната трансформација на Милер, која започнува во мигот кога сфаќа дека постои силна поврзаност меѓу него и Бекет: и двајцата се жртви на дискриминација, само на различен начин. Така, тој од мачо-хомофоб станува човек кој знае да покаже емпатија и чиј главен стремеж е да го штити законот и да се бори против неправдите. 

Главниот адут на „Филаделфија“ несомнено е изборот на актерска екипа, бидејќи без реалистичната глума, проткаена со многу финеси и надополнета со моќни дијалози, не би можеле толку добро да се доловат претходно споменатите моменти. Во музичката селекција, пак, преовладуваат емотивни атмосферски теми кои кулминираат со оперска арија, и со тоа успешно се отсликува градацијата на внатрешната борба на главниот лик кој полека ја прифаќа својата неизбежна судбина.  Покрај тоа, познато е дека режисерот намерно решава носечката песна да биде од комерцијален автор како Брус Спрингстин, бидејќи  со тоа сака да привлече публика која инаку не би погледнала филм за хомосексуалец кој боледува од СИДА. Овој податок уште повеќе ја потенцира улогата на музиката во ова филмско дело. Од друга страна, движењата на камерата имаат „задача“ да ја нагласат стигматизацијата на заболените од ХИВ во тоа време. Тоа го постигнуваат така што широките кадри се „резервирани“ за сцените кога Бекет е во присуство на луѓе што го дискриминираат, а крупните кадри доминираат кога тој е во кругот на најблиските.

Топол, искрен и поучен, „Филаделфија“ успева да разбуди емоции, без да западне во патетика. Иако е очигледно дека станува збор за наменски филм, во тој период застапеноста на ваква тема во мејнстрим-кинематографијата не само што била добредојдена, туку била и неопходна. Сите елементи што ги содржи ова филмско остварување имаат јасна намера и гласно зборуваат за неа, не оставајќи простор за недоразбирања. Тоа се согледува и од иронијата содржана во самиот наслов: прикажаната дискриминација се случува токму во градот на братската љубов. Можеби кај некого ова ќе постигне спротивен ефект и ќе делува исфорсирано и клише, но понекогаш нештата треба да бидат преочигледни за да остават печат. На крајот на краиштата, емпатијата и човечноста, покрај љубовта, се најбаналните теми што никогаш не треба да бидат прогласени за „истрошени“.

Марија Лукаревска

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.