„Грипот на Петров“: пост-советски делириум со расипани кочници

„Се чини дека филмот неретко е во трка со себе да покаже колку слоеви на декаденција и вулгарност може да издржи пред да стане малку смешен.“

„Грипот на Петров“ е два и пол часовен халуциноген трип низ пост-советските рушевини на модерна Русија, режиран од Кирил Серебреников („Лето“, „Студентот“). Во трескавичен занес од висока температура на грип, Петров (Семјон Серзин) го носи пријателот Игор (Јури Колоколников) на прошетка низ урбаниот пекол на Екатеринбург. Сегашноста се меша со спомени од детството, а реалноста со приказната од стрипот што Петров го црта. 

Поврзувањето на ликовите и временските рамки во една кохерентна наративна слика трае цел филм, а се избиструва длабоко во втората половина. Ова го прави „Грипот на Петров“ визуелно интригантно филмско остварување, на сметка на какво било емпатско поврзување со ликови кои повеќе од еден час се нафрлени низ приказни и времиња без да им се вкрстат патиштата. 

Филмот може да биде класифициран како драма, но и научна фантастика, фантазија, црна комедија. Жанровските елементи се трупаат едни врз други, но не секогаш премногу успешно. Серебреников дава се од себе за да покаже колку му се остри забите, а тоа воопшто не е потребно за еден веќе етаблиран артхаус миленик. Се чини дека филмот неретко е во трка со себе да покаже колку слоеви на декаденција и вулгарност може да издржи пред да стане малку смешен. 

Имајќи го ова предвид, да се гледа „Грипот на Петров“ сепак е делирично задоволство, бидејќи има филмови кои мораат да го изгубат и збунат гледачот за да си ја остварат целта. Тука е и успехот на Серебреников со овој филм: „Грипот на Петров“ е амбиент. Ако гледачот не е баш сигурен за значењето на секоја сцена, барем ќе е сигурен дека присуствува на една од најстимулирачките проекции во неговиот живот, каква што може да му овоможи само режисер кој толку смело посегнува по сите алатки што му ги нуди филмската уметност.

Никој не може да ја негира рок енд рол жичката на Серебреников што ги прави неговите филмови толку несоодветни и кул. Ниту пак може да се одрече техничката супериорност што го држи филмот цврсто склопен дури и кога е наративно климав. Овој динамичен есеј пред cѐ има потреба од намалена волтажа и малку простор да дише, за да му дозволи на гледачот да ја осети бунтовноста присутна во секој напор на Серебреников, а на која не ѝ требаат толку украси.

Севдалина Дамевска