По 18 години битки со филмската индустрија, култната режисерка и сценаристка Илдико Енејди го создава „За тело и душа“. Филмот е нежна и бизарна артхаус романса која покажува како најчистите чувства кај човекот може да бликнат и во најсуровите околности. Повеќеслојната приказна е испреплетена со бајковити пејсажи, мистичност и комичност што го прави „За тело и душа“ филм кој тешко се заборава.

Како и во претходни нејзини филмови („Симон, Магионичарот“, „Тамас и Џули“), Илдико и во овој ги испитува пречките и предизвиците во човечката комуникација. Необичната љубов настанува во кланица за крави меѓу двајца осамени интроверти кои дознаваат дека секоја вечер го имаат истиот сон. Во сништата тие се елени кои заедно и безгрижно патуваат низ бајковит пејзаж, но во реалноста се плашат еден од друг и не знаат како да се зближат. Андре (Геза Морцсани) и Марија (Александра Борбели) не се стереотипни јунаци. Двајцата се сложени индивидуи кои на различен начин ја прифаќаат ново-стекнатата љубов, како и стравот и збунетоста што таа ги носи. Во филмот има само една песна („What he wrote“ од Лаура Марлинг), бавно темпо и статични кадри, но тоа совршено се вклопува со динамичниот мизансцен, неизвесноста на приказната и сензибилитетот на карактерите.

Во „За тело и душа“ режисерката успева да обработи клучни општествени прашања, меѓу кои и тешкотиите на лицата со попреченост. Андре има парализирана рака, а Марија е на аутистичниот спектар поради што станува дури и мета за потсмев на работниците во кланицата. Уште еден општествен проблем кој се проткајува низ филмот е третманот на животните во месната индустрија. Неколку пати се прави паралела меѓу распарчените крави во кланицата и двојниците на протагонистите – слободните елени кои талкаат низ дивината. Освен проблематизирање на правата и слободите на животните, ова сопоставување ја надополнува главната тема во филмот – вечната борба меѓу човечките двојности. Како може човекот да се вљуби и да биде емпатичен, а истовремено да работи во најбездушната индустрија? Илдико ги соединува овие навидум спротиставени аспекти. Телото и душата, убиството и емпатијата, болката и љубовта – сите се присутни и се неразделен дел од животот на протагонистите. Затоа филмот е како енциклопедија за човековите состојби која покажува како човечката природа е повеќеслојна и некогаш парадоксална.

Енејди се обидува да задржи трошка нежност и човечност во еден суров и морбиден свет. Нејзиниот обид не е патетичен или претенциозен, туку приземјен. Затоа со сета моја личност (и душа и тело) го препорачувам овој филм. Тој не само што ги руши стереотипите и клишеата на романсите, туку и ја преставува човечката сложеност, освестува за важни општествени прашања и дури успева да разбуди пеперутки во стомакот.
Филипа Сара Попова
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.