Разговаравме со Несими Јетик – режисер од Турција, чиј филм „Мир и хармонија“ се прикажува на јубилејното 20. издание на Синедејс – Фестивалот на европски филм. Повод за нашиот разговор беше токму филмот „Мир и хармонија“ и работата на него.
ЈЃ: Раскажете ни ја приказната позади „Мир и хармонија”. Што ве инспирираше да го напишете овој филм, заедно со Бетул Есенер, и потоа да го режирате?
НЈ: Неразрешените аспекти на меѓучовечките односи се тема која секогаш го привлекува нашето внимание. При пишувањето на филмот имавме две интелектуални почетни точки: фактот дека главниот фокус во врските кои не можат ниту да бидат прекинети ниту да траат на среќен начин е токму семејството, и напорот да се разбере нечија потреба за физичко и спиритуално присуство на други луѓе. Овие две теми секогаш ги имавме на ум додека го снимавме филмот.
ЈЃ: Приказната е фокусирана на три силни женски карактери, секоја со различно минато, мотивации и желби. Како изгледаше вашиот процес на размислување додека работевте на сценариото? Имавте ли конкретна цел или понекогаш се потпиравте на импровизација?
НЈ: Еден цитат од Ашгар Фархади би бил од помош овде, тој зборува за тоа како филмовите им овозможуваат на сите карактери да се бранат себеси еднакво, исто како во судница. Тоа беше главната поента за нас. Додека го пишувавме сценариото најмногу се фокусиравме на тоа дека публиката треба да го разбере дури и карактерот со кој најмалку сочувствува во филмот, дури и ако не се согласува со него. Мислам дека главниот елемент на тој деликатен баланс е давањето на секој од карактерите право и простор да се изрази себеси, без да биде осуден. Речиси и да нема импровизација во филмот, се држевме до самото сценарио додека снимавме. Ако сцените изгледаат импровизирано, за мене тоа е комплимент.

ЈЃ: Темпото на филмот и овозможува на публиката длабоко да се поврзе со карактерите, додека актерките имаат неверојатно силни изведби (особено Асије Динчсој). Како одлучивте дека токму овие актерки ќе ги играат главните улоги? Како изгледаа подготовките?
НЈ: Уште на самиот почеток беше јасно дека мојата мајка Дуду Јетик ќе ја игра улогата на Дуду, а мојата сопруга Бетул Есенер (која заедно со мене го напиша филмот, го продуцираше и монтираше) ќе ја игра улогата на Вилдан. Откако го напишавме сценариото, баравме актерка која би можела да работи со нив и патиштата ни се вкрстија со Асије Динчсој. Предизвикот се состоеше во нивната соработка и хармонија – една професионална актерка (Динчсој), една актерка со формално образование, но неискусна (Есенер) и еден комплетен аматер (Јетик). Мислам дека успеавме во нашата замисла.
ЈЃ: „Мир и хармонија“ има многу специфичен визуелен пристап – камерата во рацете на снимателите и крупните кадри додаваат емоционална длабочина на филмското искуство. Како одлучивте, со директорот на фотографија Ведат Оздемир, да го користите овој стил? Беше ли тешко да се снимаат сцените на таков начин?
НЈ: Првата замисла додека го дизајнирав визуелниот стил на филмот е тоа дека треба да се состои од крупни кадри, стил на снимање кој ги следи постојано карактерите. Сакав да снимам многу крупни кадри, затоа што ова е филм посветен на карактери. Така и ја одбрав тесната 4:3 рамка, што потсетува на полароидни фотографии. Сакав да го изоставам просторот надвор од лицата на карактерите, фокусот да е само на нивните лица. Се потпирав на цитатот од Бергман дека кинематографијата е токму човековото лице. Па така барав кинематографер кој е способен и отворен за да го изведе ова. По долго истражување, се запознавме со Ведат кој е многу талентиран.
Нашата стратегија за снимање беше многу кратка: минимизрање на сите технички елементи кои ги ограничуваат движењата на актерите. Создавање хаос на сетот и потоа претворање на тој хаос во креативност, еден вид контролиран хаос. Но е доста голем предизвик и за режирање, и за целиот тим околу режисерот. Актерите, кинематограферот, режисерот, самата приказна и секако снимањето на звукот… Но кога ќе го видите крајниот продукт, ќе си речете дека вредело. Значи да сумирам, како што се вели во една позната турска поп песна „Јас одам кон болката, не се плашам“. 🙂

ЈЃ: За крај, каков е приемот и реакциите на публиката и критичарите до сега, во Турција и на меѓународно ниво?
НЈ: На меѓународно ниво, само што започнавме со учество на фестивали, па ќе видиме каков ќе биде приемот. За публиката во Турција, можам да речам дека им е доста лесно да влезат во светот на ликовите. Филмот беше прикажан во меѓународната селекција на Истанбулскиот филмски фестивал. Тука многу не пофалија, особено за актерската игра. Беа импресионирани и од кинематографијата на филмот, и повеќеслојната приказна.
Јована Ѓорѓиовска