Кога џукелите би можеле да зборуваат…

„И покрај тоа што кучињата се во фокусот, „Сцени од животот на една џукела“ е документарец за луѓето и за тоа што тие го оставаат зад себе.“

Куче-скитник што живее на гробишта, покрај пруги, во напуштена фабрика или село, научено да не им верува на луѓето, а сепак зависно од нив – глетка што секојдневно можеме да ја посведочиме. Тоа е оној пес што упорно мавта со опашката секогаш кога ќе види човек иако којзнае колку пати изел ќотек наместо сочна коска. Тоа е она кутре што никогаш не ја губи надежта дека неговите сопственици ќе се вратат по него. Тоа се сите џукели што немаат друг избор освен да се борат за својот и за опстанокот на својот подмладок. А што би кажале тие кога би можеле да зборуваат? 

Документарниот филм „Сцени од животот на една џукела“ (Prizori iz života džukca) во режија и по сценарио на Тања Брзаковиќ („Светот на Јелена“, „Јовица и неговите заби“) им дава глас на овие херои од улицата. Преку седум различни приказни, испреплетени со впечатливи анимации, режисерката прикажува како изгледа животот на кучињата скитници, истовремено поставувајќи важни егзистенцијални прашања што треба да го засегаат општеството кое како да заборавило на вредностите лојалност, доверба, пријателство и љубов. 

Се чини дека 70 минути се повеќе од доволни за филмот да го разработи овој проблем и да разбуди емпатија кај гледачите. Визијата на режисерката можеби би била реализирана и само со снимените сцени од вистинскиот живот на џукелите, но не би била потполна без двата главни елементи што придонесуваат за динамиката на документарецот: ефектната нарација и разиграните анимации. На работ помеѓу реалноста и фикцијата, сценариото служи како хипотетички приказ на она што се случува во главата на кучињата, а за неговата солидна актерска интерпретација заслужни се Јелена Босанац, Аница Добра, Момчило Бајагиќ и други. Дел од анимациите (креација на Вук Палибрк), пак, ги пополнуваат дупките во приказните што не се уловени со камера, а дел од нив раскажуваат стари индиски, руски и британски бајки, што ја нагласува дидактичката функција на ова филмско дело. 

И покрај тоа што кучињата се во фокусот, „Сцени од животот на една џукела“ е документарец за луѓето и за тоа што тие го оставаат зад себе. За сите нешта што тие ги отфрлаат и ги забораваат кога не им се повеќе потребни, почнувајќи од трошно живеалиште, па сѐ до живо суштество што го сакале додека им досадило или снемале корист од него. Емотивен и поучен, ова е филм што може да ја разбранува свеста и кај младите и кај повозрасните генерации, бидејќи му зборува секому што има барем ронка емпатија. А што зборуваат џукелите, дали се гневни, огорчени, желни за одмазда или пак подготвени да простат, зависи единствено од постапките на човекот денес, утре и секој нареден ден…

Марија Лукаревска