Шеснаесеттото издание на Pravo Ljudski Film Festival годинава се одржува во хибриден формат, со проекции во две кина во Сараево на почетокот на декември и бесплатен онлајн пристап до филмовите за гледачи од целиот свет во периодот 7-17 декември. Програмата содржи 49 филмови посветени на феминизмот, екологијата, културните и социјалните движења кои носат свежи перспективи за напредокот на човештвото. Иако (се обидувам да) ги следам филмските трендови низ целиот свет, за мене најголемо изненадување беа три кратки бразилски филмови на општествено ангажирани теми.
Документарецот „Проточна вода“ во режија на Диего Зон е посветен на Слатката река – една од најважните реки во Бразил, која беше уништена со токсични материи во 2015 година. Зон и директорот на фотографија Патрик Тристао на филмското платно го насликале пасторалниот живот на мештаните во едно намерно недефинирано место, чии единствени граници се водата и небото. Прекрасни кадри од огромни водени пространства и сино небо полно облаци, испреплетени со кратки дијалози и акцент на атмосферските звуци – ваквиот опис можеби изгледа како наивна романтичарска замисла, но во сржта на „Проточна вода“ е болката предизвикана од уништувањето на природата. Детската песничка во последните минути од филмот го нагласува токму тоа на метафоричен, но совршено јасен начин.
„Исто/различно/и двете/ниту едно“ е документарна комбинација од видео пораки кои режисерките Адриана Барбоза и Фернанда Песоа ги разменувале во текот на ковид-19 кризата во Бразил и САД. Иако ова звучи навидум едноставно, Барбоза и Песоа користат повеќе визуелни пристапи со што прецизно адресираат мала низа актуелни општествени проблеми: протестите против пристапот на Болсонаро и неговата влада кон пандемијата, движењето “Black Lives Matter” во Америка, гентрификацијата во Сао Паоло и Лос Анџелес, влијанието на заклучувањата (анг. lockdown) како мерка за превенција од ковид-19.. Како мала временска капсула за пријателството помеѓу режисерките и актуелните случувања (и во нивните приватни животи, и на ниво на држави во кои живеат), „Исто/различно/и двете/ниту едно“ содржи кондензирана слика за искуствата на две млади жени во САД и Бразил во екот на пандемијата.
„Неонски фантом“, во режија на Леонардо Мартинели, е еден од оние филмови за кои е тешко да разберете како идејата би функционирала во пракса, сè додека грутката во грлото не ви покаже дека режисерот ја постигнал целта. Главниот лик во филмот работи како доставувач, убеден дека сè ќе биде како во мјузикл – доволно е да работите доволно напорно, за на крајот да го добиете она што го сакате. Мартинели намерно ја користи музичката подлога како неочекуван наративен слој за да ја потенцира суровоста на илузијата скриена во верувањата на доставувачите (и пошироко, сиромашните работници кои се приморани да бираат меѓу гладување и работење додека се болни). Победник во категоријата за кратки филмови на Филмскиот фестивал во Локарно годинава, „Неонски фантом“ е само-свесна, субверзивна и слоевита приказна која удира во сржта на темата – што значи да живееш од денес за утре, доставувајќи храна за богатите додека твојот стомак кркори од глад ?
Јована Ѓорѓиовска