Уште во првите секунди од филмот, младата режисерка Ана Јакимска во својот краткометражен „Ќе дојдат децата“ ветува осврт на познати сентименти од македонското битисување. Да се гледа овој филм со македонско око значи да се забележат финеси инаку недоприливи за странскиот гледач. Но, обидот да се направи филм соодветен за интернационални платна резултира со малку извештачена слика на инаку автентични искуства.
Погледот низ објективот на режисерката на некој начин го фетишизира македонското преку добро познати клишеа: беда, сурови пејзажи, икони. Беспрекорно симетричните кадри и птичјата перспектива на некои елементи на македонската култура наликуваат на извадоци од списаније. Филмот се чини како да е правен за странски поглед, па така неретко сцените се повеќе „егзотични“ и „источно-европски“, отколку интимни и препозналиви, а ова создава дистанца меѓу режисерката и нејзините субјекти.

„Ќе дојдат децата“ сепак ќе ги израдува сите оние кои копнеат по женски гласови во македонската кинематографија. Со женска режисерска палка и централни улоги, филмот нужно е освежување за гледачите. И покрај тоа, Јакимска не успева сосема да избега од „the male gaze“ (машки поглед на нештата), и филмот паѓа во стапицата на нормативни улоги на жените, единствените кои им се дозволени без разлика на временскиот период: мајки, учителки, негувателки, и кои се пренесуваат од една на друга жена како нормален дел на животниот циклус.
Одбивањето на младата Велика да научи да пали оган може да се интерпретира како одбивање да се конформира. Со смртта на старата Велика и несуптилното „тонење на бродови“, таа нема премногу избор, буквално е заглавена. Чадот од огнот и детскиот плач би требало да бидат ветување за нов ден, овој пат полн со живот. Но, во комбинација на тензичната, фолк-апокалиптична музика, чадот само личи на сигнал за помош. На крај, младата Велика нема што да направи, освен да прифати дека мора да ги прави нештата како што секогаш се правеле, се додека има кој да пали оган, да вари грав, да ги учи децата и да умре. Не може да се каже дали ова од почеток била намерата на Јакимска, но вреди да се има предвид кога се гледа овој филм. „Ќе дојдат децата“ не е феминистичко дело, туку плач за помош замотан во веленца.
Лина Дамевска
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.