Морбидно и невообичаено, така започнува приказната на овој анимиран долгометражен филм. Отсечена рака бега од лабороторија за да си го најде своето тело. Додека се снаоѓа низ Париз се сеќава на животот на младиот човек за кого претходно била поврзана. Со црно-бели сцени се прикажува детството на главниот лик Наофел. Претставен како дете кое сака да ги впие сите искуства кои животот ги носи. Преку снимање на звуците кои го опкружуваат се обидува да ги документира своите искуства. Меѓутоа судбината го соочува со огромна трагедија и неговиот животен пат се менува.
Филмот од француска продукција премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2019 година. Во 2020 година се прослави со наградата „Цезар“ за најдобар анимиран филм, а истата година беше номиниран и за „Оскар“. Според жанрот е драма и фантазија. Режисерот Џереми Клапин и писателот Гијом Лоран заедно работеле на сценариото за филмот. Всушност филмот е адаптација на романот „Среќна рака“ од Гијом Лоран, кој исто така во минатото работел на сценариото за познатиот француски филм „Амели“. Џереми Клапин во својата кариера работел на повеќе краткометражни дела со хибридни анимирачки техники како „Палимпедариум“ и „Скизан “. Обете се карактеризираат со филозофски и психолошки теми. Но, најмногу се прослави со „Си го изгубив телото“. Хибридните анимирачки техники користени за изработка на филмот го имитираат вистинското движење на камерата, со тоа тој добива реалистичен изглед.

Музиката во филмот е клучна, бидејќи таа се користи како главен наратор. Емотивна и сочувствителна, го создава темпото и ги движи гледачите низ животот на Наофел и патешествието на отсечената рака. Композиторот Ден Леви ја создал инструменталната композиција токму за потребите на ова дело. Главниот лик, Наофел преку снимањето звуци документира свои нови доживувања, па воедно музиката на ова дело е документација за животот на главниот лик. Ден Леви се прослави со наградата „Цезар“ во 2020 за најдобра оригинална музика.
Со текот на филмот гледачите добиваат можност сами да го интерпретираат значењето на отсечената рака. Таа e делот кој му недостасува на Наофел за тој повторно да биде во целост. Кога раката се присетува на детствотo на Наофел ги согледуваме и оние работи по кои главниот лик пати. Паралелно се прикажуваат тешкотиите на раката и Наофел додека двајцата се снаоѓаат во големиот Париз, преку тоа добиваме приказ за деушевната состојба на Наофел. Друг поважен симбол е мувата која во текот на сиот филм се појавува. Го следи Наофел во секој чекор од неговиот живот. Со него е кога е дете, по големата трагедија, додека се вклопува во големиот Париз и пред случајно да си ја отсече раката. Наофел е убеден дека таа ги носи неговите несреќи и разочарувања, затоа постојано се обидува да ја одбегне, измами или убие. Мувата ја симболизира судбината на Наофел, патот кој му е веќе преодреден. Главниот лик не е задоволен од судбината, па затоа посакува да ја измами и одбегне. Во филмот се следи филозофијата дека доколку сакаме да ја смениме нашата судбина треба да сториме нешто сосем непредвидливо и ирационално, нешто кое ќе не доведе на друго место за кое нема да жалиме.

„Си го изгубив телото“ многу повеќе исполнува отколку што ветува. Ги движи гледачите низ патешествие и на крај ги остава во голема размисла. Во свет каде што судбината на сите е предодредена, дали навистина постои начин да ја измамиме?
Теодора Тодорова
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.