Општеството се грижи уште помалку од анти-хероината на „Многу се грижам“

„Непосредно пред премиерата, светот го разбранува документарецот на Њу Јорк Тајмс, „Framing Britney“, кој иако е фокусиран на познатата поп принцеза, има една заедничка карактеристика со 118-минутниот крими-трилер: концептот и злоупотребаta на активноста наречена „згрижување“ во САД.“

Кон „Многу се грижам“ во режија и сценарио на Џ. Блејксон, кинематографија на Даг Емет.

Оцена: 3.5/5

„Многу се грижам“ е филм чија премиера се случи на стриминг платформата Нетфликс на почетокот од февруари и се здоби со инстантна популарност уште во првата недела на прикажување. Причината не е поради исчекување на новата улога на извонредната Розамунд Пајк, претходно номинирана за Оскар, ниту поради реномето на англискиот режисер Џ. Блејксон кој позади себе има скромни 2 долгометражни филмови. Непосредно пред премиерата, светот го разбранува документарецот на Њу Јорк Тајмс, „Framing Britney“, кој иако е фокусиран на познатата поп принцеза, има една заедничка карактеристика со 118-минутниот крими-трилер: концептот и злоупотребаta на активноста наречена „згрижување“ во САД. 

Штом веќе е направена споредбата, тогаш мора да се започне со објаснување на терминот „згрижување“ и зошто токму потребата за анализирање на неговата злоупотреба? Тоа е акција во која што е проценето дека одреден човек (најчесто постаро лице кое е неспособно да се грижи само за себе поради здраствени пречки) не е во контрола врз себе и своите акции, па државата му назначува „згрижувач“ кој ќе го прави тоа за него/неа. Марла (убедливо портретирана од Розамунд Пајк) е еден таков професионалец кој е посветен конкретно на тоа дејство. Таа „се грижи“ дури за над 100 постари лица, и константно е „во лов“ по нови мети. Филмот не должи многу на непотребни воведи и со помош на нарација веднаш влегува во акцијата и мотивите на главниот лик кој со леснотија користи лаги, манипулации и слични тактики за да дојде до парите на своите „штитеници“. Марла е комплетно одбивен лик – иако изгледа како моќна, но бескрупулозна жена, гледачот лесно може да ја замрази и да и посакува зло до крајот на филмот. Кинематографот има целосна контрола врз начинот на кој што го доловува ова – од стилизираните сцени каде фокусот е на нејзиното лице додека безгрижно „вејпа“, до имплементирањето на секвенци во кои Марла и нејзината девојка (Еиза Гонзалез, лик на кој му треба доработка) безгрижно го продаваат имотот на „штитениците“, па страсно водат љубов.

Најголемиот квалитет кој овој филм го има не се сите внимателни и калкулирани потези кои се опишани погоре, туку способноста да зборува за проблем кој долго време не бил под лупа. Сржта на целото сценарио е обелоденувањето на институционалниот проблем каде луѓето се измамени со неверојатна леснотија. Вистинската трагедија во животот на една поп ѕвезда како Бритни Спирс е само амплифицирана, па се сатиризира и самата капитализација и овозможувањето на системот оваа пракса да продолжи. 

„Многу се грижам“ е сепак далеку од ремек-дело на модерната кинематографија. Одредени делови од приказната не се совпаѓаат, кулминацијата трае предолго и е полна со фантастични детали во кои (не)обични деловни жени измамници одеднаш стануваат агенти налик Џејмс Бонд. Совршениот тајминг и релевантните теми во светскиот активизам се неизоставен дел од атрактивноста на овој хибрид од црна комедија и трилер, а и со право. 

Петра Бранковска