„Како да преживеете чума“ – Истрајноста на хероите

„„Како да преживеете чума“ оддава чест на хероите во борбата против ХИВ епидемијата, на научниците и активистите, но и на безбројните жртви на вирусот и системот.“

Од денешна гледна точка, кога сите сме сведоци на тоа како светот се справува со пандемијата на коронавирусот, корисно е да се согледа каква била ситуацијата со ХИВ епидемијата во 80-те и 90-те години. Документарецот „Како да преживеете чума“, во режија и според сценарио на Дејвид Франс (американски новинар кој известува за ХИВ епидемијата уште од почетокот), е одлична можност да се дознае за борбата на активистите и научниците да стават крај на таа епидемија. Прогласен е за најдобар документарец во 2012 година од Здружението на ЛГБТ критичари, а има и номинација за „Оскар“. Франс искористил разни aрхивски снимки за транспарентно да ја прикаже тешката реалност во тој период. 

На оригинален начин, преку снимки од состаноци, протести, вести и приватни видеа, Франс нé носи назад во 80-те. Филмот генерално ги следи активистите на Act Up (Ект Ап), прва организација која нудела помош на лицата што живеат со ХИВ/СИДА. Дел од активистите, меѓу кои се Бил Балман, Лери Крамер и Боб Рафски, служат и како главни ликови во овој историски документарец. Тие се нараторите што ја раскажуваат приказната. Нивните сведоштва во прво лице, внесуваат длабока емотивност и го прават филмот истовремено срцепарателен, но и охрабрувачки.

Една од главните причини за постоењето на Act Up е револтот кон властите бидејќи недоволно се вложувало за откривање на соодветен медицински третман за луѓето со ХИВ. Act Up лобирале за поинтензивно истражување на вирусот и дошле до судир со Управата за храна и лекови (FDA), бидејќи барале да се скрати рокот за одобрување на нови лекови кои би биле ефикасни против ХИВ. Целта на тоа, се разбира, било спасување на што повеќе животи. Користејќи методи како граѓанска непослушност и организирање масовни протести, тие се бореле за своите права. Во Act Up членувале и луѓе кои го немале вирусот, но ги поддржувале своите партнери, семејства, другари. Треба да се нагласи и храброста на голем број од активистите на Act Up, кои иако знаеле дека ќе умрат, сепак се бореле за себе до самиот крај.

Покрај активистите од групата Act Up, Франс ни прикажува и интервјуа со научници и истражувачи чијшто придонес е особено значаен за борбата против ХИВ. Еден таков пример е хемичарката Ајрис Лонг, која иако не била геј, се приклучила во Act Up за да ги едуцира луѓето кои лекови се корисни за третирање на ХИВ/СИДА. 

Медиумите не зборувале многу за проблемот со ХИВ и за дискриминацијата со која се соочувале ЛГБТ луѓето во тоа време, па затоа многумина денес не се свесни каква била вистинската состојба. Овој филм ги расветлува тие случувања. Гледаме интервјуа од политичари кои наместо да преземат одговорност за епидемијата, им препорачуваат на луѓето „само да не бидат хомосексуалци“. На моменти со неверување ќе се запрашате како би можело тоа да се случи во САД во 80-те години. 

Нешто што неизбежно ќе (ви) остане во сеќавање од филмот се трогателните снимки на млади изнемоштени лица што страдаат од вирусот. Трагедијата е уште пострашна кога се открива дека починатите од ХИВ во болниците биле фрлани во кеси за ѓубре. Значи тие луѓе не добиле никаква почит ни по нивната смрт. Нечовечност од вакви размери е ретко забележана во поновата историја, посебно во западните општества. Ова се вистински хорори кои сè уште некако се премолчуваат.

Се потенцира и активизмот како практика. Дејствувањето на Act Up и други организации имало големо влијание во борбата за права на луѓето кои живеат со ХИВ. Заради тоа филмот може да биде и инспирација за вклучување во активизам, како ефикасно средство за постигнување на општествена промена во било кое поле. 

Дејвид Франс е отворено геј и го посветува филмот на својот партнер, Даг Гоулд, кој починал од СИДА во 1992 година. „Како да преживеете чума“ оддава чест на хероите во борбата против ХИВ епидемијата, на научниците и активистите, но и на безбројните жртви на вирусот и системот. Најважното нешто што може да се научи од овој филм, е дека никогаш не треба да се предаваме. Не треба да се плашиме од никакви болести или власти кои не се грижат за луѓето. Треба да бидеме истрајни и силни, и гордо да преземеме акција во битката против нечовечноста.

Павле Ночески

Оцена 8/10

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.