Во името на отецот, синот и „Куќата Гучи“

„За жал, гледачкото искуство на најновиот филм на 84 годишниот великан може да се спореди со евтина вечера платена со купони кога човек очекува партнерот да го изненади со резервација во елитен ресторан.“

Кон „Куќата Гучи“ во режија на Ридли Скот, сценарио на Беки Џонстон и Роберто Бентивења, кинематографија на Дариуш Волски

„Гучи“ е една од најпрепознатливите именки на светот во било кој слој на општествените кругови. Богат, сиромав, банкар или садомијач – нема кој не го асоцира овој збор со раскоши и луксузи кои живеат само во соништата на 95% од светската популација. Многумина сепак не знаат дека „Гучи“ не е само симбол на една чанта која чини 5 илјади долари (што само по себе е драматично), туку е и семејно име кое во 90-тите години од минатиот век беше засекогаш „извалкано“ со предавство, финансиски криминал и убиство. Сите овие фактори се клучни во рецептот за скокотливо сценарио кое би донело милиони пред големиот екран, а вклученоста на легендарниот британски режисер Ридли Скот (кој во 2021 година во услови на пандемија веќе има режирано еден филм, средновековната драма „Последниот дуел“) како да ветува висококвалитетна, престижна и пред сè, забавна продукција. За жал, гледачкото искуство на најновиот филм на 84 годишниот великан може да се спореди со евтина вечера платена со купони кога човек очекува партнерот да го изненади со резервација во елитен ресторан.

Ѕвездата на филмот е мулти-талентираната уметница Лејди Гага во улога на „црната вдовица“ Патриција Реџани која практично го „оживува“ филмот со еволуцијата на нејзиниот карактер а ла Лејди Макбет. Таа е ќерка на ситен криминалец која лукаво го заведува срамежливиот и наивен Маурицио Гучи (Адам Драјвер, кој одлично глуми во „Последниот Дуел“, а овде игра улога која го задушува и никако не ги истакнува неговите квалитети). Нивната врска има турбулентен почеток – Родолфо Гучи (Џереми Ајронс кој го задржува британскиот акцент иако глуми италијанец) се сомнева дека партнерката на неговиот син единец има поинакви мотиви од тие што ги споделува и не ја поддржува врската. Оваа ситуација е како „украдена“ од мексиканските сапуници и го трансформира филмот од кохерентна серија на настани во евтина секвенца на шок моменти кои наместо да ја засилат Шекспировата трансформација на главниот лик, ја засенуваат со „пренакитена“ сценографија и брз расплет.

Еден од најголемите проблеми во сценариото е слабиот развој на ликовите. Маурицио Гучи секогаш е во сенка на својата поубава половина, па дури ни предолгото траење од 158 минути не дава простор да се истражат деталите во неговиот карактер кои водат до тоа да биде жртва на убиство. Истата „празнина“ се чувствува и кај еден од неговите најголеми ривали, братучедот Паоло Гучи (Џеред Лето, непрепознатлив под тон непотребна шминка и простетика) кој практично не е лик, туку карикатура. Лето како да не ја знае границата помеѓу дисциплинирана глума и претерување, затоа што Паоло делува како фрагмент од нечива имагинација – хаотичен, пискав, нејасен. За сите недостатоци на режијата и сценаријата, шминката, костимите и кинематографијата се елеците за спасување во оваа оштетена јахта што тоне. Камерата на Дариуш Волски успева да го истакне раскошот и целата (непотребна) грандиозност која е присутна во секоја рамка. 

„Куќата Гучи“ можеби ќе успее да ги собере сите пари на бокс офисот со истата брзина со која семејството Гучи ги изгубила нивните, но факт е дека оваа „сочна“ приказна страда од огромното его на луѓето кои учествувале во продукцијата. Единствен победник во целата ситуација е Лејди Гага, која и покрај лошиот акцент (иако и самата има италијанско потекло) докажува дека го има тоа што е потребно да стане почитувана филмска ѕвезда. Во име на Отецот, синот и … „Куќата Гага“!

2.5/5

Петра Бранковска