Заедно сме посилни и во болка и во тага

„„Држејќи го човекот“ е адаптација на истоимениот мемоар на Тим Конигрејв, кој храбро го става „на тацна“ целиот свој живот, чувства и покајание.“

Кон „Држeјќи го човекот“ во режија на Нил Армфилд, сценарио на Томи Марфи, кинематографија на Гермен МекМикинг

Една од поголемите трагедии на човештвото е загубата на милиони млади животи, особено геј мажи, во 80-тите и 90-тите години од минатиот век. На глобално ниво, ширењето на ХИВ вирусот зазема облик на епидемија, а токму во тие турбулентни години паралелно се создава  „цунами“ од стигма, предрасуди и осуда за лицата чии денови се избројани поради поради тогашниот недостиг на соодветна терапија. Страдањата и борбата на голем број инфицирани хомосексуалци од тој период се веќе брилијантно прикажани во култните „Филаделфија“ и „Ангели во Америка“, но „Држејќи го човекот“ е вистинска приказна која нуди еден малку поинтимен приказ на кризата конкретно во Австралија.

Тим (Рајан Кор, кој ја добил наградата за најдобар актер од Асоцијацијата на филски критичари во Австралија токму за овој филм) и Џон (Крег Скот) се пар уште од средно училиште. Нивната врска трае 15 години и е исполнета со грижа, разбирање и многу емпатија. Тие како да не знаат за друга романтична љубов освен таа што ја чувствуваат еден за друг – сепак, заедно ги делат сите важни постигнувања како откривање на сексуалноста, експериментирање, храброст да се отворени и со нивните семејства кои не секогаш сакаат да ја коментираат нивната врска. Најголемиот тест за нивното партнерство неочекувано доаѓа во форма на шокантната вест дека и двајцата се позитивни на ХИВ вирусот, не знаејќи кој кого инфицирал.

„Држејќи го човекот“ е адаптација на истоимениот мемоар на Тим Конигрејв, кој храбро го става „на тацна“ целиот свој живот, чувства и покајание. Нил Армфилд успева да го „осветли“ темниот тон кој е сеприсутен во овој 127 минутен филм преку релативно среќното постоење на Тим и Џон кои, иако деноноќно се борат со својата здравствена состојба, се од огромна помош како членови на групата за геј права. Актерската игра на Рајан Кор и Крег Скот е убедлива, емоционална и полна со одлична хемија. Иако играат ликови кои се многу различни во карактер, тие се „топат“ еден во друг во секоја заедничка сцена што предизвикува да гледачот заборави дека моментите заедно им се избројани. Камерата на Гермен МекМикинг успева да го фати и истакне секој момент на интимност, тага и солза во очите на главните јунаци, но никогаш на трагичен начин. Баш напротив –  фокусот останува на храброста која ја покажуваат жртвите на таа „чума“ иако на екранот ја доживуваме нивната физичка и емоционална болка.

Иако сценариото на Томи Марфи е обвиено во црнината на последиците кои ХИВ вирусот ги оставал зад себе во тоа време, „Држи го човекот“ сепак во суштина е ода на радоста и љубовта на еден пар кој практично бил заедно цел живот. Додека си даваме поддршка еден на друг, сѐ друго ќе помине.

Петра Бранковска

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.