Танцување во погрешно тело

...„исклучително реалистичен приказ на едно автентично индивидуално искуство.“

Оценка: 7/10

Контроверзната драма „Девојка“ е дебито на белгискиот режисер Лукас Донт. Филмот е делумно базиран на животот на танчерката Нора Монсекур, која е негова пријателка. Прво филмско искуство е и за одличниот Виктор Полстер. Тој е во улога на транс девојката Лара, која сака да стане професионална балерина. Сосема заслужено, филмот е добитник на три награди на Канскиот филмски фестивал, а во 2018 беше белгискиот кандидат за „Оскар“ за најдобар странски филм.  

Лара е тинејџерка која има голема страст кон балетот, па затоа се запишува на престижна балетска школа. Но, има нешто што ја разликува од другите тинејџерки, таа страда од родова дисфорија. Тоа е состојба во која на луѓето родовиот идентитет не им се совпаѓа со биолошкиот пол, односно се чувствуваат родени во погрешно тело. Поради тоа Лара зема хормонска терапија и се подготвува за хируршка интервенција за промена на полот. Како сеприсутна сенка, родовата дисфорија ја прогонува Лара во секојдневието. Таа е во постојана битка со самата себе.

Филмот претставува „coming-of-age“ приказна што исклучително емотивно го следи процесот на родова транзиција. Согледувајќи ги институционалните и социјалните проблеми на Лара, како нејзиното право да го користи женскиот тоалет, „Девојка“ ги отвора прашањата за (не)прифатеноста на транс луѓето. Емотивноста е уште повеќе засилена бидејќи се истакнува и важноста на поддршката од родителите. Таткото на Лара никогаш не ја осудува за тоа што е, туку секогаш е полн со љубов и разбирање.

Она што го прави филмот впечатлив е визуелното портретирање на емоциите на Лара. Нејзината преокупација со сопственото тело е интимно и експлицитно прикажана. Крупните кадри реалистично ја отсликуваат таа опсесивност. При балетските сцени се забележува силната страна на Лара. На нејзиното лице се гледа дека и покрај страдањата, таа не ја губи надежта. Тој тон е претставен и преку светлите бои кои доминираат во филмот.

Ова хармонично патување низ неудобноста е прецизно проследено со музиката на Валентин Хаџаџ. Милозвучноста и минималноста се во единство со развојот на приказната и емотивноста на Полстер. Самиот избор на цисродовиот маж Полстер за улога на транс жена е предмет на контроверзии. Но, наместо да се осудува таа одлука, треба да се согледа (не)можноста да се пронајде 15 годишна девојка која е истовремено професионална актерка, танчерка и трансродова личност. A Полстер вешто се справува со глумењето ваков карактер. Eксплицитноста е причина поради која филмот наиде на доста критики. Меѓутоа, голотијата, односно телото, е централен и неизбежен дел на родовата дисфорија, па затоа критиките се неосновани. 

 „Девојка“ e исклучително реалистичен приказ на едно автентично индивидуално искуство. Без разлика на контроверзиите, останува да биде суштински јасен осврт на предизвиците со кои се соочуваат транс луѓето во 21 век, како и на нивната храброст, надеж и упорност.

Павле Ночески

*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.

Have your say