„Гагарин“: магичен реализам од предградијата на Париз

...„ги спојува опсежните теми како животот во париските предградија, мултикултурализмот и резултатите од тековната гентрификација на градот со креативноста, посветеноста и неисцрпната надеж на младиот Јури. “

„Гагарин“ е драма режирана од француското дуо Фани Лиатар и Џереми Труил која го обработува микрокосмосот на шеснаесетгодишниот Јури (Алсени Батили) кратко пред рушењето на неговиот дом, станбениот блок Гагарин во Париз. Филмот ги спојува опсежните теми како животот во париските предградија, мултикултурализмот и резултатите од тековната гентрификација на градот со креативноста, посветеноста и неисцрпната надеж на младиот Јури. Загрижен за состојбата на старите згради (именувани, патем, по космонаутот-имењак на Јури), тој секојдневно ги користи својата досетливост и инженерскиот ум за да врши разни поправки во зградите – на лифтовите, на светлата, на ѕидовите – сè со цел смилување на градежните инспектори и одложување на уривањето на блокот во кој живеат стотици семејства од пониските економски класи. Сепак, Јури ја губи битката, по што одлучува да остане во својот стан и откако работниците ќе започнат со соборувањето.

За разлика од филмови како „Омраза“ (1995) или „Клетници“ (2019), во „Гагарин“ нема насилство кое би укажало на суровоста на париските banlieues (предградија). Напротив, на последиците од сиромаштијата им е вдахната доза човечност преку приказот на сложни и вешти деца како Јури и неговите другари Хусам (Џамил Мекравен) и Дијана (Лина Кудри), чие израснување ги опремило со технички вештини и несебична грижа за Гагаринската заедница. Дополнително, преку големите простори и играта со светлина, филмот го потврдува не само присуството на ваквите средини во модерна Франција, туку и убавината содржана во нивната различност. 

Веројатно најмагичниот дел од „Гагарин“ се сцените кои го прикажуваат новото секојдневие на Јури откако започнува рушењето на зградите. Наместо да замине со соседите како што му порачува мајка му, Јури останува во зградата, постепено видоизменувајќи ја типично социјалната поставеност на становите во футуристичка капсула налик на внатрешност од некој вселенски брод. Ѕидовите-заштитници му овозможуваат на Јури да биде час астронаут, час обично дете, а магично-реалистичните кадри како да се директно извадени од неговата мечта. Овие сцени ме потсетија на големите картонски „ракети“ што ги градев како дете, а верувам дека секој друг може да препознае дел од својата подзаборавена фантазија во малата вселена на Јури.

Од друга страна, може да се тврди и дека „Гагарин“ премеко гледа на ефектите од уривањето на блокот или дека препоетски ја претставува осаменоста на младиот сирак. Сепак, контекстот на приказната е рушење на кровот на стотици семејства и оставање на адолесцент сам на себе. Меѓутоа, „Гагарин“ не е ниту првиот ниту последниот приградски филм, па во морето прерани пиштолски истрели и премногу класни неправди, интересно е да се погледне и приказна за живописниот ум на еден сонувач.

Анастасија Марковска

*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.