Армандо Инаучи, режисер и косценарист на „Смртта на Сталин“, е политички сатиричар познат по филмот „Во јамка“ (In the loop), и ТВ сериите „Заменик претседател“ (Veep) и „Густи настани“ (In the thick of it). Во своите дела тој ги исмева некомпетентноста и нарцизмот на западните политичари, но истовремено ги покажува и негативните последици од нивното бездушно однесување. Во „Смртта на Сталин“ тој го вперува своето будно сатирично око кон сталинистичка Русија, а како симбол за неадекватни политичари ги зема членовите на Централниот комитет. Овие историски личности ги играат реномирани глумци, меѓу кои Стив Бушеми (Никита Хрушчов), Џефри Тамбор (Георги Маленков), Симон Расел Беал (Лаверентиј Берија) и легендарниот монти-пајтоновец Мајкл Палин (Вјачеслав Молотов).
„Смртта на Сталин“ храбро го посочува апсурдот на еден застрашувачки и тирански систем на апсолутна моќ. Поради импулсивноста и суровоста на Сталин (Андриан Меклоулин) членовите на Централниот комитет се престоруваат во очајни и лицемерни подлизурковци. Застрашувачкиот раководител на тајната полиција Берија става патлиџан во џеб за да го насмее Сталин, а Хрушчов води евиденција на шегите што тој ги кажал и реакциите што ги предизвикал кај диктаторот. Откако умира Сталин, членовите на Централниот комитет добиваат поголема моќ и стануваат уште поочајни, а Хрушчов и Берија ја почнуваат комично-апсурдната борба за превласт. Но, иако наликуваат на дворски шутови, во таа борба јасно се гледа дека тие се и себични и итри убијци.

Филмот покажува како и по смртта на Сталин, корупцијата и злото во системот опстојуваат, за жал секогаш на штета на обичниот човек. Инаучи не е рамнодушен кон страдањето на населениото, туку итро ја испреплетува комичноста со фаталните последици на режимот. Видливо е дека хаосот од политички интриги ги остава луѓето во страв и неизвесност. Никој не знае кога ќе умре, а кога ќе биде помилуван, што особено се нагласува со бизарните и морбидни сцени во ходниците на тајната полиција. Сцени кои осцилираат меѓу комедија и хорор се присутни низ целиот филм, а ваквата атмосфера е надополнета од перформансот на актерите, мизансценот и музиката инспирирана од советските композиции на Дмитриј Шостакович. Оваа естетика може лесно да предизвика спротиставени чувства кај гледачите, но можеби тоа е и најдобриот начин да се соочи човек со горчливите вистини.

„Смртта на Сталин“ е сé уште мета на критика во Русија, Казахстан и Курдистан каде што е забранет и прогласен за либералистичка пропаганда. Но, цензурата може да биде јасен показател за квалитетот на една политичка сатира. Посочувајќи го апсурдот во политичкиот свет, макар и тој да е застрашувачки и болен, ова дело на Инаучи го постигнува она што е клучно за сите добри сатири од античка Грција па сè до денес. Тоа ги демистифицира власта и политичарите, и истовремено служи како освестување и поттик за позитивни општествени промени. Филмот вреди да се погледне, особено ако сте љубител на црна комедија, политичка сатира и остар британски хумор.
Филипа Сара Попова
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.