„Далас бајерс клаб“: Филмско искуство „ни ќар, ни зијан“

„Самата СИДА тешко проаѓа како класичен филмски негативец: не може да се победи, сеприсутна е, видлива и неубава, не е злонамерна, нема ништо лично против своите жртви, ниту е облечена во црнo и пробува да го уништи светот“.

Америка, 80-тите. Епидемијата со СИДА беснее, доминантно во геј заедницата, а на среде сè ова, Рон Вудруф (Метју Маконахи), тексашки електричар и хомофоб, дознава дека е ХИВ позитивен. Неговиот свет и неговите вредности немаат време да се распаднат бидејќи докторите му даваат триесет дена живот. Но тој открива дека тогаш експерименталното лечење со АЗТ кое владата го форсира прави повеќе штета отколку корист, и дека постојат други лекови кои го бранат имунолошки систем на болниот и го пролонгираат неговиот живот.

Неговите експериментални обиди не се добро доживеани од здравствените институции, па Рон брзо станува некаква немногу сериозна закана – сепак се работи за џган-јужњак кој пробува да им помогне на луѓе кои никого не го интересираат во Регановата Америка. За да го заобиколи законот, тој го основа неговиот Dallas Buyers Club и почнува синџир на увезување и препродавање на неодобрени лекови. Попатно, неговиот светоглед се менува и шири, особено поради пријателството со Рајон (Џеред Лето), транс жена која исто така е болна од СИДА.

И сè ова е базирано на вистинска приказна… горе-долу. Веќе знаеме дека Рон Вудруф воопшто не бил хомофоб и дека веројатно бил бисексуалец. Ликот на Лето никогаш не постоел, а во оваа приказна е додаден само за да може да се одигра добро познатата холивудска карта „конзервативецот што си го менува светогледот поради неочекувано пријателство“. Тоа значи дека Холивуд со овој филм уште еднаш ги заобилокува ЛГБТ луѓето и ги сведува на наративни ензими.

Самата СИДА тешко проаѓа како класичен филмски негативец: не може да се победи, сеприсутна е, видлива и неубава, не е злонамерна, нема ништо лично против своите жртви, ниту е облечена во црнo и пробува да го уништи светот. Па така, улогата на негативец си ја подаваат фамацевтските куќи и владата, а потоа и неколку неименувани (или можеби само заборавливи) хомофоби што во приближно 15 минути треба да ја доловат општата атмосфера во во Америка во тој период.

Не може да се зборува за овој филм без да се напомене дека кога излезе во далечната 2014 беше центар на вниманието поради тематиките и ликовите кои се дрзна да ги обработи. Велам далечната 2014 бидејќи што се однесува на социјална правда, прогресот на идеите е толку вртоглаво брз што овој филм, излезен пред 7 години, се чини позастарен од самата 1985-та во која се одвива дејството. Помалку славно е доживеана денес улогата на Лето, стрејт маж кој ја сведе Рајон на максимално стереотипна карикатура на транс жена: проститутка опседната со својот изглед, пренагласено женствена и наркоманка, која патем има катастрофални односи со својот татко кој носи само кравати – ако има клише за транс жените, лесно ќе се најде во овој лик. Улогата на Лето ни тогаш, ни сега не успеа да допре до транс заедницата бидејќи е повеќе површна отколку духовна. Не би ни било чудно гледач да се запраша дали на Рајон други ликови ѝ се обраќаат во машки род бидејќи луѓето во 80-тите не знаеле како треба, или бидејќи сценаристот не знаел како треба. 

Сепак, на времето овој филм беше трансформативен за своите глумци. Токму поради „Далас Бајерс Клаб“ повеќето гледачи дознаа дека Маконахи може да е повеќе од ром-ком заводник, а актерското деби на Лето го качи на врвот на сите релевантни и нерелевантни предвидувања за Оскарите таа година. Но, овие фактори веќе не резонираат со иста фреквенција: уметничкиот распон на Маконахи денес е генерално признаен, а Лето сè уште е динамичен глумец со минимална способност да разликува добар лик и презаситен лик.

Реалноста е, кога би му се одземале на „Далас Бајерс Клаб“ сите заслуги и придонеси кон „откривање“ глумци и делење социјална правда, овој филм не би бил од преголем интерес за своите современи гледачи.

Севдалина Дамевска

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.