„Да се изгубиш намерно“: Ништо посебно, но сосема доволно

...„некои пуристи овој проект би го сметале за уште еден од мрачните коњаници на социјалните медиуми, дојден за да ја уништи навек класичната филмска уметност.“

Кон „Да се изгубиш намерно“, Бугарија, 2019, 112’

Режија: Крис Захариев

„Да се изгубиш намерно“ е документарен филм за тројца тинејџери од Софија кои решаваат да ја откријат Бугарија во летото на границата меѓу безгрижниот и возрасен живот. Немаат некој јасен план, освен дека ќе застануваат на места за кои или никој не чул или никому не му е грижа. Ја палат (освен кога не пали) нивната Лада од 1970 и тргаат, а сè што може, оди наопаку.

На прв поглед, „Да се изгубиш намерно“ можеби е филм само затоа што така решиле да го наречат. Станува збор за влогови склопени во долгометражно дело дополнително раскажано од режисерот. Веројатно некои пуристи овој проект би го сметале за уште еден од мрачните коњаници на социјалните медиуми, дојден за да ја уништи навек класичната филмска уметност. Но, правилата во филмот никогаш не биле ригидни, а во документаристиката уште помалку. Секако во 2021 големите платна се само едно далечно сеќавање.

„Да се изгубиш намерно“ е едноставен филм, без јасна појдовна идеја. Нема прашање кое има потреба од одговор или вистина која „чека“ да биде откриена, само завршен пордукт кој ретроактивно му дава смисла на целиот проект. Уметноста во овој филм се крие во тоа што тројца малолетници во „Vans“ патики тргаат во потрага по авантура и убавина во места каде што никој не бара ништо. И не наоѓаат животни приказни какви што понекогаш се прикажуваат на камера: фантастични, трогателни, неповторливи. Наместо тоа –  земјоделци и сточари, пет генерации пчелари, колекционери на машини за лимонада од 19 век. На површина, овие нешта се чинат обични. Под површината, тие навистина се обични. Сликата што ја доловува режисерот е човечка и искрена, а тоа прави од „Да се изгубиш намерно“ многу пристапен филм.

Захариев не бара од својата публика значителна интелектуална инвестиција и не нуди револуционерен поглед во бугарската кинематографија (или која било кинематографија). Веројатно нема да ги натера гледачите да преиспитаат суштински прашања од човековото битисување. Но, ќе допре до нивниот едноставен човечки сензибилитет, подложен на разнежнување со прикаските на 90 и кусур годишни селани чиј љубовен јазик е храната. На крајот на денот, „Да се изгубиш намерно“  е филм кој ќе направи многу гледачи среќни, а тоа не е мала работа.

Севдалина Дамевска

*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.

Have your say