Поп-аматер во потрага по човечноста

...„уникатна драма за рехабилитацијата на поранешен затвореник и неговиот стремеж за победа на добрината во луѓето.“

Оценка: 8.5/10

Простувањето, човечноста и вербата се главните теми во маркантниот „Тело Христово“ на полскиот режисер Јан Комаса (познат по „Варшава 44“ и „Соба на самоубијците“). Инспириран од феноменот на лажни попови во Полска, Комаса нè внесува во оваа силна и провокативна драма преку ликот на младиот поп-аматер Даниел (Бартош Бјелења). Покрај номинацијата за „Оскар“, филмот собра награди на многу европски фестивали, како Венецискиот, Гдањскиот и други. „Тело Христово“ дефинитивно ја освои публиката и често се наоѓа на листите за најдобри филмови oд 2019 година.

Даниел е затвореник кој сонува да биде поп, но црковните закони не го дозволуваат тоа. Откако излегува од затвор, испратен e во село на другиот крај на Полска за да работи во пилана. Кога стигнува, успешно ги лаже жителите дека тој е всушност новиот поп во селото. Неговиот чуден пристап и „Гугл“ пребарувањата како се прави исповед допираат до селаните кои го прифаќаат како новиот духовник. Кога Даниел почнува да ги открива нивните мрачни тајни поврзани со една локална трагедија, ситуацијата во селото станува напната.

Зад фасадата на христијанството се крие приказна за човечноста и судбината на еден млад човек. Исклучително тежок предизвик е да се глуми ваков сериозен и комплексен лик, а Бартош Бјелења ја исполнува таа задача успешно и убедливо. Даниел е поп, но и човек. Поп кој страсно ужива во техно музика, дрога и секс. Преку Даниел, филмот реалистично ја проследува потрагата по цел и смисла во животот. Последниве години се чини дека таа егзистенцијалистичка криза преовладува во посткомунистичките земји. Токму во такво општество, Даниел е симбол на надежта.

Неговиот карактер е смирено проследен од камерата, која детално ги забележува изразите на лицето. Oдблизу се проследени збунетоста и духовноста на младичот со кратка „затворска“ фризура кој ужива да биде поп, а широките кадри потполно го внесуваат гледачот во атмосферата на црквата и селото (дело на директорот на фотографија Пјотр Собоцињски).

Песните што се дел од самото сценарио, eмотивно ги одразуваат различните особини на Даниел. Додека води миса пее христијански молитви, а додека вежба слуша техно музика. Покрај тие песни, филмот вклучува и заднинска музика, која е заслуга на Евгениј и Сача Галперине. Како целина, музиката oдлично ја засилува атмосферата.

Приказната e паметно осмислена, што овозможува да се разгледуваат различни и суштествени филозофски прашања. Вештината на Комаса е незаземањето страни. Христијанството во „Тело Христово“  не е ниту промовирано ниту исмевано, туку повеќе служи како почва за истражување на моралните вредности. Со тоа гледачот има слобода да одлучи од која гледна точка ќе ја интерпретира приказната. Се забележуваат неколку контрасти. Од една страна е сомнежот кон религијата на младите луѓе, а од друга традиционалната религиозност на повозрасните. Иронично пак, додека Даниел цело време зборува колку е важно простувањето, црквата е таа што не им простува на затворениците и тие не можат да бидат свештени лица. Обединувачката тема во филмот е важноста на вербата, според зборовите на Даниел „Не само во Господ, туку во смислата на сè“.

„Тело Христово“ е своевидна рефлексија на денешницата во жариштето на католицизмот, Полска. Може да се согледаат паралели со „Декалог“ на Кишловски, кои се во различен временски и политички контекст. Ни најмилитантните атеисти, ни најфанатичните верници не би останале рамнодушни на филмот. „Тело Христово“ e уникатна драма за рехабилитацијата на поранешен затвореник и неговиот стремеж за победа на добрината во луѓето. Непретенциозно и балансирано двочасовно патешествие кое тера на размислување

Павле Ночески

*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.