„Консумирај“ – Ретро-футуристичка приказна за самоуништувачките слабости на човекот

„Консумирај“ е дело кое на прв поглед не ветува суштински заклучок, но како што минуваат минутите тоа драстично се менува.

„Консумирај“ е  краткометражно филмско дело на аргентинскиот режисер Бруно Градаски. Досега во својата кариера режирал само краткометражни филмови, а ова дело е најновото на кое работел. Жанрот на филмот е научна фантастика, но пораките кои ги обработува  се од големо значење за современата реалност. Клучни се актуелните слабости на човекот како што се манипулацијата со реклами, зависноста од технологија, способноста за самоуништување и потчинетоста кон претеран консумеризам. Ликовите во приказната се лишени од свој личен идентитет – ниту еден од нив нема име, туку само реден број. 

Одлуката да не постои дијалог е одлично решение за филмот да го разбере секој гледач. Се надоврзува со тоа дека ликовите немаат развиено начин на меѓусебна комуникација, бидејќи својот живот го минуваат сами во виртуелен свет. Искористени се звучни ефекти од ретро видео-игри кои го потестуваат гледачот дека ликовите се заробени во видео-игра. Овие елементи искомбинирани со сценографијата, костимографијата и изборот на бои создаваат ретро-футуристичка естетика која многу потсетува на онаа од познатиот серијал филмови „Матрикс“.

Токсичноста која владее со амбиентот се доловува со употреба на црвено-сини нијанси. Тие се направени да изгледаат фосфоресцентно и упадливо, и што подалеку од природен и смирувачки изглед. Наспроти упадливите бои доминира темнина која ги опкружува ликовите само кога не се во нивниот виртуелен свет. За пофалба е и изборот на реквизити, како конзолите и контролорите за видео-игри и големиот број  екрани кои го исполнуваат малиот простор во кој живеат ликовите. 

„Консумирај“ е дело кое на прв поглед не ветува суштински заклучок, но како што минуваат минутите тоа драстично се менува. Се движи со своја брзина и динамика и успева да се поврзе со грижите за тоа како би изгледала една варијанта на иднината. Дело за секој што посакува мала рефлексија кон себе и кон тоа како ја живее својата сегашност.

Теодора Тодорова

*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.