„Јас се движам во круг, одам и се враќам. Слободен и врзан. Ако враќањето е цел, зошто тогаш одењето?”
Овие реплики од романот „Дервишот и смртта” на Меша Селимовиќ претставуваат интроспекција на главниот лик (дервишот) заглавен во вител, постојано размислувајќи за животот и смртта, што тие претставуваат, зошто луѓето имаат бесмислен страв од неизбежното. Темата за животот и неговата непредвидливост во романот на Селимовиќ ја поврзувам со темата на филмот „Студена војна” (Cold war/Zimna wojna).

Преку централните ликови Виктор (Томаш Кот) и Зула (Јоана Кулиг) режисерот ја претставил комплицираната љубовна врска на своите родители. Постојаното спојување и разделување на неговите родители во временски период од четири децении го инспирирало да ја создаде и екранизира оваа приказна за една невозможна љубов во времето на Советскиот сојуз.
На почетокот на “Студена војна”, диригентот и композитор Виктор се вљубува во младата Зула. Таа е дојдена на аудиција за изведба на фолклорна музика и танци. Главните ликови се во една неподнослива меланхолија, константно незадоволство и притоа се лишени од слободна љубовна врска. Иако Виктор тврди дека таа е жената на неговиот живот и двајцата се во љубовни врски со други луѓе. Преку сцените со зачадените барови во кои пее Зула и музиката низ целиот филм, режисерот прави визуелен приказ на внатрешната борба на главните ликови. Потребата за успех во нивните кариери и политичкото влијание придонесуваат за нивна постојана разделба.

Тврдоглавоста е главен двигател за нивното повторно спојување и покрај сите препреки низ годините. Идентично со почетокот на филмот, кругот на оваа љубовна приказна се затвора со сцена со срушена црквa. Крајот на филмот е мрачен и ироничен – Виктор и Зула се повторно заедно, но нивната дестинација воопшто не е мотивирачка. Преку митското прикажување на деструктивните наративи на протагонистите, Павликовски го заокружува овој мрачен мјузикл, полн со тишини, во 89 минути.
Во оваа социо-политичка разгледница од 20 век режисерот Павел Павликовски повторно се навраќа на црно-белиот формат кој го користеше во оскаровецот „Ида“. Ликовите во „Студена војна” еволуираат во внимателно поставените статични кадри кои се вешто синхонизирани со музичките промени. Ограничувањето на кадарот во 4х3 формат креира постојана напнатост, која ги акцентира контрастите на филмот – слободата и затвореноста. Очигледно е дека режисерот се инспирирал од визуелната поетика на Андреј Тарковски користејќи локации слични на оние во неговите филмови. Таков пример е напуштената црква која е од клучно значење во „Студена војна” и потсетува на оние во филмовите „Носталгија“ и „Андреј Рубљов”. Преку пејсажите со снег во кои секој кадар е своевидно ремек-дело со огромен број сиви нијанси и текстури, кинематограферот Лукаш Зал ја нагласува психолошката состојба на ликовите.

По премиерата во Кан, каде Павликовски ја доби престижната награда за најдобар режисер, „Студена војна“ беше номиниран и за Оскар за најдобра слика на странски јазик, за режија и кинематографија. Успесите на филмот се доказ за универзалноста на прашањата кои ги отвора Павликовски. Дали музиката ги анимира нашите животни приказни? Можеме ли да најдеме дом во свет кој постојано се менува? Што е поважно: самото патување или дестинацијата?
Елеонора Теова
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.