Во 1981 за првпат официјално се документираат петмина инфицирани со ХИВ вирусот, а првиот лек кој делувал само краткорочно бил одобрен дури во 1987 година. Познато е дека властите и здравствените институции вложувале минимален труд да се крене свесноста, немале интерес за финансирање медицински истражувања, а во одредени периоди дури не снабдувале доволно лекови за заболените.
Затоа, уште од самите почетоци на појавата на ХИВ, обични граѓани се организираат и оформуваат граѓански движења и здруженија за да поттикнат акција, а најпозната е светската организација Act Up која направила револуционерни промени и вистински ја почнала борбата против СИДА. Историската драма „120 отчукувања во минута“ ги прикажува секојдневниот живот и предизвиците на активистите на Act Up во Франција. Филмот е добитник на „Гран При“ во Кан во 2017 година, а режисерот и ко-сценарист Робин Кампиљо самиот бил член на здружението во 90-ите и приказната се базира на неговите искуства и сведоштва.

Филмот започнува со протест на конференцијата на АFLS (Француска агенција за борба против СИДА) која се преправа дека ги застапува интересите на заболените, а всушност работи површно и не превзема ништо. Протестот треба да биде мирен, но Марко (Теофил Реј) – шеснаесетгодишно момче кое се инфицирало со ХИВ преку трансфузија симболично го удира директорот на агенцијата со балон од вештачка крв. Оваа сцена е испреплетена со дебата меѓу активистите кои имаат поделени мислења за неговата постапка. Главното прашање кое се провлекува низ филмот е дали Act Up треба да бидат подрски и насилни за да привлечат повеќе внимание во јавноста и да ги убедат институциите да делуваат. Сето ова е прикажано со доза комичност, но уште од првите десет минути, очигледно е дека битката против системот не е лесна. Секој има различни ставови и вредности, а и стравови дека понасилни протести ќе ги однесат подалеку од целта. Со вжештените дебати меѓу активистите, „120 отчукувања во минута“ покажува дека зад познатите бурни протести на францускиот Act Up стоеле обични, но и храбри луѓе кои биле уплашени за своите животи и животите на своите блиски, заборавени од мнозинството и власта, и кои ги поврзувала една заедничка мисија – да преживеат.

Главните ликови се Натан (Арно Валоис) – нов член на групата кој е ХИВ негативен и Сеан (Нахуел Перез Бискајарт) – еден од најенергичните активисти кој се инфицирал со ХИВ по првото сексуално искуство. Тие се вљубуваат еден во друг и Натан почнува да се грижи за Сеан како што СИДА-та постепено го уништува и убива. Иако фокусот е врз двојката и протестите на Act Up, сепак на крајот гледачот може да се почувствува како лично да ги познава сите карактери. Кампиљо ова го постигнува со една стилска мешавина. Тој често користи рачна камера која преоѓа од еден на друг лик и снима во натуралистички cinema verité стил во јарки и светли бои. Но одвреме-навреме вметнува поетични и постилизирани елементи како монтажниот рез кој поврзува светилки во диско клуб со Т4 клетки или сонот на Сеан во кој реката Сена е полна со крв наместо со вода и луѓето рамнодушно поминуваат покрај неа. Сето ова е придружено со медитативната електронска музика која опстојува до претпоследна минута се додека не премине во тишина во која се слушаат само чекорите на активистите.

Едноставно, „120 отчукувања во минута“ е совршен микс од поетичност, реалистичност, драма и општествена критика. Душата на филмот може да се почуствува во самиот наслов кој упатува и на лимитираното време на ликовите, но и ги прославува живоста, пркосот и упорноста кои опстојале во нив и покрај сите околности. Уникатната драма на Кампиљо вреди да се гледа, особено за оние кои сакаат да научат повеќе за борбата против СИДА и луѓето кои гласно се спротиставиле на системот бидејќи за жал молкот за нив значел смрт.
Филипа Сара Попова
*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.