Во време кога сѐ е на дофат со само еден клик на тастатурата, тешко е да се замисли млад човек кој свесно одбира да живее далеку од сите благодати на дигиталната ера. Уште потешко е да се замисли Германец кој решава да го замени своето удобно канцелариско секојдневје во градот со селски живот на Карпатите во Украина, грижејќи се за бафала од загрозен вид. Токму тоа е изборот на Мишел – човек кој сонува за мала колиба високо на планината, свое семејство и неколку бафала.
Оваа приказна ја раскажува Ана Јарошевиќ во својот прв долгометражен документарен филм „Колку подалеку – толку подобро“ (As Far As Possible). По четири години работа и со помош на финансиски средства што ги собрале сами заедно со продуцентката Алјона Качкан преку краудфандинг, режисерката створила дело што ја прикажува нераскинливата врска меѓу природата и човекот на автентичен начин.

Поради многуте пејзажни кадри и едукативни податоци, на почетокот се добива впечаток дека главна тема ќе бидат водните бафала и екосистемот на Карпатите. Но Јарошевиќ вешто го префрла наративот во друга насока и се фокусира на дилемите што го мачат главниот лик Мишел. Растргнат помеѓу урбаниот и руралниот свет, поранешниот студент по екологија води двоен живот додека конечно да одлучи кој пат да го одбере. Документарецот добива и романтична нишка кога плановите на Мишел ќе ги „помати“ Вера, самохрана мајка на две деца, за која тој не е сигурен дали ќе може да се приспособи на неговото темпо на живеење. Прашањето дали да го следи срцето или својот сон се разрешува на самиот крај, а расплетот некому ќе му се допадне повеќе, некому помалку.
Монтажата најверојатно се обидува да го долови тој внатрешен конфликт преку ненадејното преминување на сцени од селото во сцени од градот. Меѓутоа, контрастот и онака е очигледен, па временските и локациските скокови напати се конфузни и го обременуваат дејството. Светот на Мишел, пак, се разоткрива преку неговата природна нарација во прво лице, како и преку директното обраќање на ликовите кон камерата, што не го попречува текот на приказната, туку придонесува за нејзино подобро доловување. Филмот е тивок и како музика ги користи звуците на природата, со што уште повеќе се нагласува спокојот што го нуди планинскиот живот. Тоа во комбинација со кинематографијата на Серхи Киреиев придонесува за целокупното доживување на селската идила.

Медитативен и длабоко рефлексивен, „Колку подалеку – толку подобро“ може да се гледа како документарец кој гласно зборува за будење на еколошката свест и враќање кон природата. Дали тој успева да прикаже дека поединецот има моќ да предизвика промена и да придонесе за зачувување на природниот и животинскиот свет? Веројатно да. Сепак, акцентот е на индивидуалната потрага по среќа лишена од комфор и материјални задоволства, како и на субјективното чувство на неприпадност во општеството и потребата да се побегне од цивилизацијата – што е можно подалеку. Дали тоа е правилниот избор или не, пак, зависи од субјективниот интерес на гледачот.
Марија Лукаревска