Дали знаевте дека јаболката се добри за паметење? Не знаеше ни Арис (Арис Серветалис) – главниот лик во долгометражното деби на Христос Никоу. Арис ги изгуби сеќавањата и веднаш почна страсно да јаде полни вреќи јаболка. Но, штом дозна дека тие можат да му го вратат помнењето од страв прејде на портокали. Од каде доаѓа овој страв од сеќавањето и на каква авантура може да однесе? Овие прашања се дел од темите на сатиричната драма „Јаболка“ која имаше премиера на „Венецискиот филмски фестивал“ минатата година и која припаѓа на „грчкиот нов бран“.

Дејството се случува во свет кој се чини паралелен со нашиот, но со кој делиме еден ист проблем – пандемија. Само што во филмот се случува пандемија на амнезија. Една вечер, Арис се буди во автобус и не памети ништо за себе. Бидејќи во клиниката за заразени никој не доаѓа да го земе, му преостанува да се приклучи на новата програма за помош, малку иронично наречена „нов идентитет“. Докторите го сместуваат во стан, му ги покриваат сите трошоци и му даваат стар касетофон. Задачата на Арис е да ги следи упатствата од касетофонот кои секој ден го праќаат на различна мисија. На почетокот мисиите се смешни: „Обиди се да возиш велосипед“ или „Гледај филм во кино“, но потоа стануваат посериозни: „Негувај човек пред умирање и откако ќе почине, оплакувај го со семејството.“ Клучен дел од овој проект е што откако ќе ја заврши секоја задача, Арис мора да направи фотографија и да ја смести во фотоалбум.

Како и Арис, и останатите пациенти ги имаат истите задачи, па така низ полузапустените пандемични улици постојано се движат луѓе со полароиди, засрамено барајќи го совршениот кадар. Не е тешко да се направи паралела меѓу ова однесување и социјалните мрежи. Ликовите живеат за да фотографираат. Така се поврзуваат еден со друг и создаваат смисла во отуѓеното секојдневие. А со тоа што следат исти упатства, Никоу итро ги посочува апсурдните општествените притисоци и правила. Меланхолично оптимистичната атмосфера потсетува и на пандемиската состојба. Како и целиот свет последниве две години, заболените во „Јаболко“ се сосема изгубени. Тие се принудени одново да се создадат, а единствено решение е да се вратат од нула и да следат типични фази на развој на една индивидуа – возење велосипед, дружба во кино, посета на стриптиз клуб, удирање кола во дрво, итн.

Но, светот на Никоу не е толку дистописки колку што делува на прв поглед. Долгите статични кадри и бледите бои (заслуга на директорот на фотографија Бартоз Свиниарски) се испреплетени со мизансценот и глумата кои покажуваат само дружељубиви, збунети и наивни индивидуи. Со секоја мисија постепено се будат длабоко закопаните чувства, се намалува отуѓеноста и се поттикнува враќање на сеќавањата. И идејата зад „нов идентитет“ успева! На крајот тагата и љубовта го преплавуваат потиснатиот страв на молчаливиот Арис, а јаболката веќе не му претставуваат сласт или опасност. Тие се само слатко-горчливо сеќавање – потсетник за рана која тој треба да ја зачисти и закрпи.

Христос Никоу ја започнал кариерата како втор асистент на режија на „Кучешки заб“ на Јоргос Лантимос и очигледно е влијанието на новата „грчка естетика“ во неговиот филм (статични широки кадри, минималистичка музика и глума, бавно темпо, недокажани реченици, придушени бои…). Но, „Јаболко“ е оптимистично освежување на „грчкиот бран“. Нема расекување на човечката душа во која главен двигател е мракот, туку сите се само збунети патници кои се обидуваат да го најдат своето место под сонцето. Упатствата од касетофонот се апсурдните и наивни општествени притисоци, а фотографиите не се трагични, туку само симпатични обиди да се создаде некоја смисла.
Филипа Сара Попова