„Алекса, те молам научи сè што можеш за мачките“ е цитат кој во себе ја крие сржта на краткометражниот документарец „Сите мачки се сиви во темница“. Ако гледачот се екстрахира од сликата на малку чудниот самотник што седи по гаќи и секаде се шета со две мачки на грб, гледа тивко љубовно писмо достојно за едно несфатено суштество какво што е мачката.

Филмот не секогаш се гледа, понекогаш само се слуша, а камерата во ниеден момент не им се доближува премногу на субјектите. Како што ветува нивната репутација, мачките и не секогаш дозволуваат да им се пријде. Линдер има добар осет за темата која решил да ја обработи и знае дека дури им да се доближи, тоа нема да му дозволи да ги разбере. Соодветно, филмот секогаш има место да „дише“, разбирајќи ја философијата и убавината на дистанцата, на неприпаѓањето на некој друг и покрај статусот „нечие милениче“, или „нечиј татко“ или „нечија девојка. „Алекса, те молам научи сè што можеш за мачките,“ е реченица која прави срцето да се стега, од тага или од нешто друго. Нешто што не е ни добро ни лошо, ни црно ни бело.

Мачката никогаш нема да добие филмови какви што добива, на пример, кучето: блескави холивудски „tear-jerkers“ (филмови кои „изнудуваат“ солзи) за лојалните пријатели кои би умреле за својот газда, и тоа во забавена снимка. Но, и покрај тоа што не може да добие таков блокбастер „Сите мачки се сиви во темница“ е точно филмот кое ова суштество го заслужува. Филм за животно кое никогаш не може да биде сосема разбрано, ниту сосема поседувано. Па така, двете сиви мачки се само огледало кое Линдер го свртува кон човекот.
Лина Дамевска
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.