„Акаса, мојот дом“ е романски документарен филм кој доби голем број награди и номинации, вклучувајќи ја и наградата за Етички идеи на домашниот фестивал „Македокс“ во 2020 година. Режисер е Раду Корникиус – истражувачки новинар кој снимајќи репортажа за обновата на зоната околу езерото Вачерсти се запознал со единствените жители во областа – семејството Енаке. Животот на 11-членото ромско семејство му го зграпчило интересот, па така Раду спонтано се втурнал во возбудлив проект кој траел цели четири години.
За да се објасни длабочината на приказната за семејството Енаке, мора да се тргне од нивниот дом – областа Вачерсти која се наоѓа на работ од Букурешт. Зоната е дел од неостварена идеја на диктаторот Чаушеску за градење воден резервоар и останала заборавена по неговото погубување и падот на комунизмот. Сакајќи да ја напуштат цивилизацијата, љубовната двојка Енеки се преселила во изолираното Вачерсти пред 20-тина години. Па додека за останатите граѓани оваа област била запустен митски простор, за нив станало дом – акаса. За време на 30-годишниот заборав од општеството, природата во Вачерсти почнала сама да се обновува, а Енеки се создавале заедно со неа. Тие основале семејство, растеле заедно со стотиците нови билки, делеле постела со гулаби, мачки и кучиња, а училиште за нивните деца биле 96-те нови видови птици, рибите и барите.

Уште од првата сцена кога децата Енеки си играат во езерце над кое во далечина извираат градските висококатници, Раду ги сопоставува природата со урбаната средина, убавото безредие со сивиот урбан космос, семејството Енеки со „модерното“ општество. Но, вистинскиот конфликт настанува кога градот добива интерес за областа Вачерсти. Кога дури премиерот и британскиот принц Чарлс доаѓаат во посета, промовирајќи ги плановите за заштита на овој новосоздаден екосистем и негово пресоздавање во јавен парк. Идејата е убава, но дали има простор за семејството Енаки во оваа еко-свесна слика? Тие мораат да ја рушат куќичката од стари теписи и присилено да се преселат во зграда во едно непријатно маало во Букурешт, а згора на тоа се под закана и на социјалните служби. Нивната „акаса“ сега е во сопственост и контрола на градот, нивното семејство е под окото на општеството. Парадоксално, за повторно Вачерсти да биде во нивни раце, тие ќе мораат да станат дел од урбаната заедница – онаа од која биле одделени речиси две децении.

Тимот зад документарецот успеал да изгради комплексна слика која без предрасуди и страв, а со доза нежност ја претставува необичната ситуација во која се наоѓаат градот и семејството Енаке – два паралелни светови принудени да се соединат. Режисерот не ги идеализира Енеки ниту, пак, ја демонизира урбаната заедница. Како може да го обвиниме некој кога причината за маката на семејството не е урбанистичка мафија, туку одговорни политичари кои сакаат да се зачува природата во Вачерести и да се направи подостапна за останатите жители?
Сепак, драстичната промена не може, а да не влијае врз Енаке. Новата реалност во која живеат создава пукнатини во семејството. Тие мораат да создадат комплетно нов идентитет и да ги учат „правилата“ на „градскиот“ живот. Учат да читаат и пишуваат, да преминуваат раздвижени улици, да се справат со дискриминација и расизам, да се прилагодат на сосема различна реалност од тивката спокојна Дунавска делта каде растеле. Документарецот покажува како урбаната средина е претесна за овие деца растени во слобода и хармонија со природата. Градот им го одзел домот, но колку имал да им даде за возврат? Оваа нејасна граница помеѓу правдата и неправдата е она што најмногу „жеже“ при гледањето на филмот.

Но, токму жежењето е она што поттикнува безброј важни прашања: Што сме подготвени да загрозиме за јавното добро? Колкаво право има општеството врз животот на едно семејство? Што е слобода и колку сме слободни во нашите „развиени“ општества? Кога државата има право да одземе нечие дете? Најважно од сè – Чија е дивината? Што „модерниот“ човек изгубил на сметка на цивилизацијата и законите?“
Затоа, „Акаса, мојот дом“ е совршен филм за проширување на светогледот и будење на емпатијата која толку често ја забораваме во нашите разбрзани и апсурдни модерни општества. Топло го препорачувам документарецот за сите што сакаат да останат со часови замислени за општеството во кое живеат и кои сакаат да го видат животот од туѓ поглед, а со тоа и да го збогатат сопствениот.
Филипа Сара Попова