Пророштвото на миленијалците за иднината која доаѓа

....„неизмерно се радувам на пркосот на Пресврт и нивната одлука да се впуштат во целосно непознати води и да понудат една нова и флексибилна дефиниција за театарска претстава во Македонија.“

Кон „Иднината е приватна“, по текст и режија на Милош Б. Андоновски. Играат  Ангела Стојановска, Наталија Теодосиева, Дени Стојанов, Дарко Ристовски, Нина Елзесер и Христијан ПопСимонов како гласот на Адам. Продуцент: Петар Антевски, костимографија: Ирина Тошева и Катерина Блажевска Тошева, сценографија: Наташа Вчкова и Велко Бебековски, шминка: Виктор Мирчевски, музика и анимации: ИСКРА, стрим: Пирка.

На што си помислувате кога ќе го чуете прашањето: што е тоа театарска претстава? Класичните дефиниции би рекле дека за театарска претстава се потребни три елементи: сцена како простор за игра, минимум еден актер и минимум еден гледач. Но во услови на глобална пандемија вреди да се преиспита ваквиот пристап. Првенчето на Пресврт, насловено „Иднината е приватна“ го прави токму тоа – ја реобмислува традиционалната (а во моментите на премиера, невозможна) форма во која сме навикнати да гледаме театарски претстави и нуди сосема ново искуство кое на (снимката од) претставата додава и анимиран слој.

Откако ја гледав претставата неколку пати (во живо од Денсинг салата во МКЦ, онлајн стримот на премиерата и снимката од истата), долго време се прашував – дали и колку е ова театар во веќе познатата смисла на зборот? Како знаеме дека нешто е театарска претстава, а не, на пр., краток филм? Дали е (по)важно присуството на неколкумина гледачи во гледалиштето или подготвувањето на мизансценот, земајќи ја предвид нивната гледна точка? А што со публиката која го следи онлајн стримот од претставата и чии „очи“ се камерите поставени во просторот за игра? Или пак гледачите кои ја гледале снимката од претставата? Во овие месец дена активно размислување за „Иднината е приватна“, (очекувано) не стигнав до финален одговор на овие прашања, ниту севселенски точна дефиниција за театарска претстава која би ги опфатила апсолутно сите можни форми на театар. Сепак, неизбежен ми се чини заклучокот дека речничкото дефинирање на уметничката форма и не е толку важно, далеку поважни се експериментирањето и истражувањето на општо прифатените граници. Поради ова, во период на насушна потреба за културни настани во секоја форма, неизмерно се радувам на пркосот на Пресврт и нивната одлука да се впуштат во целосно непознати води и да понудат една нова и флексибилна дефиниција за театарска претстава во Македонија.

Новините во „Иднината е приватна“ не застануваат кај адаптирањето на првичната замисла за претставата на техничко-просторните можности за изведба. Во последните години, во македонскиот театар научно-фантастичните приказни се ретки. Уште поретко се обработуваат актуелни теми од суштинска важност за иднината на општеството, како што се социјалните мрежи и нивното влијание врз приватната слика за себеси, развојот на (автономна) вештачка интелигенција и Internet of Things, започнатите процеси на роботизација и автоматизација на голем број професии, огромните количини на слободно време кои се очекува да произлезат од тоа и сл. Овие научно-фантастични тропи кои доживуваат огромна популарност на светско ниво во поп-културата во последната декада, „Иднината е приватна“ решително ги обработува за македонската публика. Очигледно црпејќи инспирација од “Black Mirror” и “Westworld”, тимот позади „Иднината е приватна“ се фокусира на искуството на миленијалците, но истовремено успева да ги претстави и долгорочните ефекти врз светската популација.

Во замислената иднина во која секое излегување од дома би било авантура и потенцијална причина за паничен напад поради немањето контрола врз околината, животните нишки на четири прототипни ликови (Теодосиева, Стојанов, Ристовски и Елзесер) се испреплетуваат поради суптилните насоки дадени од вештачката интелигенција Ирис (толкувана од Ангела Стојановска). Иако на моменти наративните скокови се чинат збунувачки, совршено е јасна централната теза дека правото на приватност и приватна сопственост е дефинирачка човечка особина.

На крајот од „Иднината е приватна“ се кристализира прашањето – колкав дел од ова е „пророштво“ за тоа како ќе изгледа иднината? Одговорот е и повеќе од јасен кога ќе се соочите со сопствениот отсјај на црниот екран на кој на крајот од претставата се појавува т.н. одјавна шпица. 

Јована Ѓорѓиовска