Независни продукции од првите три месеци на 2020 кои вреди да се погледнат
Кината се сè уште затворени, но постојат многу филмови од последниве неколку години кои вреди да се изгледаат. Овој пат ви претставуваме ТОП 5 независни филмови кои се издадени во 2020!

5. „Девојката со коњот“ од Џеф Баена
Сара е социјално повлечена девојка која работи во занаетчиска продавница. Таа е обожавател на фантастичната драматична серија „Чистилиште“, оди на часови по аеробик и редовно го посетува коњот кој го јавала како мало девојче. Освен тоа, нејзиниот живот е прилично празен. Нејзиниот шеф бил пријател на мајка ѝ која е почината, Сара не знае никој од часовите по аеробик, и не поминува многу време со нејзината цимерка. Не е невообичаено човек да сака малку самотија и мир, но деновите на Сара минуваат во истражување на вонземјански заговор против човештвото. Дали таа конечно го губи својот ум?
Џеф Баена амбициозно се труди да го прикаже распаѓањето на личност со психички проблеми. Тоа што го прави овој филм доста интересен е перспективата, каде гледачот преку Сара го следи болниот процес на анксиозноста која повикува на заблуди додека се труди да најде рационални одговори и евентуално да ја прифати нејзината ментална состојба. Преку умерената, ненасилна протагонистка и светлите опкружувања, долги сцени и брзи прекини меѓу нив, ова е повеќе црна драма/комедија отколку целосен трилер/хорор, што придонесува овој необичен, но пријатен филм да биде вреден за гледање.

4. „Ема“ од Пабло Ларен
Филмот го следи животот на протагонистката – танчерката Ема, која во исто време подготвува работилници за танц за деца и за својот сопруг, кореографот Гастон кој е заљубен во надреални и симболични движења. Откако нивниот посвоен син Пол предизвикува серија на морбидни инциденти (предизвикува изгореници на лицето на неговата тетка, ја става мачката во замрзнувачот), Ема и Гастон го враќаат момчето во домот за посвојување. Колку и да се големи физичките лузни од постапките на момчето, менталните повреди кои тој ги предизвикува врз неговите посвоени родители се многу подлабоки..
Водечкиот наратив на филмот се хаотичниот и еротичен танц/ментално патување на Ема од моментот кога ќе се раздели од Пол. Иако првиот впечаток за режијата е неартикулираност и губење на првичната замисла, маестралната режија на Пабло Ларен има огромно влијание врз неверојатниот развој на филмот до невообичаено очекуван, но мудро смислен крај. Супериорноста на аудио-визуелниот аспект на продукцијата компензира за едноставноста, апсурдноста и наивноста на наративот и придонесува за експериментално, но пријатно гледачко искуство.

3. „Првата Крава“ од Кели Рајхарт
Базиран на книгата „Полуживот“ од Џонатан Рејмонд, „Првата Крава“ ги следи Куки Фиговиц (искусен готвач кој патува низ Западот со група на крзнари до Орегон) и Кинг Лу (кинески имигрант кој има дар да „намирисува“ добри бизнис зделки, но нема среќа па се вовлекува во невољи). Нивните патишта се сретнуваат во момент на незгода – групата на Куки не го сака повеќе, а Лу е во безизлезна ситуација со руски копачи на злато. Сепак, тие некако стигнуваат до мало трговско село кое е водено од огорчен аристократ кој се нарекува Шеф Фактор, па среќата конечно им се насмевнува.
„Првата Крава“ е ненаметлива и бавна приказна која навистина се истакнува во секоја секунда од 121 минутното времетраење. Режисерката не брза да ја изгради атмосферата на патот до Орегон во 19 век. Таа обрнува внимание на секој мал детал од живописните сцени кои се полни со невообичаени реквизити од тогашниот секојдневен живот, облека и обичаи. Тоа дозволува да се направи заклучок дека ова продукција наликува повеќе на визуелизирана усна литература, отколку на филм.

2. „Преврти го Човекот“ од Бриџет Савиџ Кол и Даниел Круди
Мери Бет и Присила Коноли само што ја изгубиле мајка си по долга и болна година во малата северна крајбрежна комуна Easter Cove. Иако изгледа дека конечно среќата ќе им се насмевне, нивниот свет е повторно срушен кога мораат да прикријат злосторство. Факт е дека сестрите не се професионалци, но додека се трудат да го скријат немилиот настан, започнуваат да се појавуваат и други сомнителни работи во нивната комуна.
Режисерското деби на Бриџет Савиџ Кол и Даниел Круди може да се постави помеѓу црна комедија и ноншалантен трилер/мистерија, па ако мора да се спореди со некоја пославна продукција, таа би била „Фарго“ на браќата Коен. Дуото успева да направи необичен, визуелно задоволителен филм чиј наратив е брз, забавен и ги тера гледачите да останат заинтересирани за авантурите на Мери Бет и Присила на валканите брегови во Easter Cove.

1.„Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“ од Елајза Хитман
„Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“ ја следи Отумн, бремена тинејџерка која се обидува да ѝ избега на стигмата и озборувањето кои се секојдневен дел од малата заедница во која што живее. Како што таа ги зема работите во свои раце, наративот се развива од моментот кога оди на првиот преглед, низ одлуката да абортира, се до патот до Њу Јорк придружена од страна на братучетка ѝ Скајлар во темна приказна за неправедниот здравствен систем и нефункционалното мизогинистичко општество.
Режисерката со овој филм се посветува на разоткривање на вистинските маки и неправилности во Американскиот здраствен систем и воедно општеството. Филмот користи доволно време да ја прикаже борбата на протагонистката со хаотичните бирократии со кои бремените тинејџери се соочуваат секој ден. Таа паметно започува со прикажување на црквените клиники кои немаат ниту знаење ниту опрема за толку деликатни процеси, ја следи нивната ефтина пропаганда против абортуси за да на крај ја открие комплицираната папирологија и процедура која ја бараат клиниките водени од вистински професионалци.
Арман Фатиќ (Преземено од Duart.hr)