Женското омоќување низ призмата на колонијализмот

„Црно-белите архивски снимки, проследени со нарација инспирирана од искуството на огромен број жени кои работеле под белиот окупатор, претставуваат морничава реалност за актот на колонијализам кој денешната западна култура едвај го допира во учебниците по историја.“

Кон „Ме викаат Бабу“ во режија и сценарио на Сандра Берендс

Направен налик игран филм „Ме викаат Бабу“ е емпатетична и реалистична приказна за животот на една жена-дадилка во Индонезија, во времето кога таа била под колонијално владеење на Холандија. Црно-белите архивски снимки, проследени со нарација инспирирана од искуството на  огромен број жени кои работеле под белиот окупатор, претставуваат морничава реалност за актот на колонијализам кој денешната западна култура едвај го допира во учебниците по историја. Интересно е дека целиот документарец е составен од токму такви снимки, без никакви додатоци, што го прави подвигот на холандската режисерка Сандра Берендс уште поимпресивен: Таа успеала да реставрира, аранжира, оживее и внесе емпатија во „домашни филмови“ направени од холандскиот окупатор за своја забава. 

Алима е жената, односно „бабу“ која ја води нарацијата и го раскажува нејзиниот живот низ целото времетрање на филмот (78 минути), без да изгуби трошка оптимизам и надеж. Таа избегала од своето мало село поради тоа што нејзиниот татко сакал син, а била окуражена од мајката која секогаш ја поттикнувала да ја знае својата вредност. „Мамо, ти ме научи дека девојките треба да застанат за себе си и да сонуваат за добар живот“ вели таа во својот поход кон независност и прв чекор кон остварување на нејзиниот сон. Се вработува како дадилка односно „бабу“ – збор кој во својата суштина нема никакво значење, туку е кованица смислена од самите окупатори. Денес, тој збор се смета за навреда. Алима патува со семејството во Холандија и таму за прв пат чувствува што значи да заработуваш, да ти се обраќаат „мадам“, да си независен, и да се почастиш за својот труд со свои заработени пари. Тоа исчезнува со враќањето во Индонезија каде газдите ѝ објаснуваат дека тука „важат други правила“. 

Раскажувачката моќ на режисерката најмногу се забележува токму во моментите кога Алима започнува да сфаќа сè што се случува околу неа. Таа прогресивно учи, расте како личност и чувствува дека нешто не е во ред во нејзината родна земја кога Јапонците доаѓаат во Втората Светска Војна и ги заробуваат холанѓаните. Иако е свесна дека се случила само една нова окупација и дека започнува да се шири свеста на граѓаните за поими како „автономија и  „слобода“, Алима никогаш не престанува да се грижи за своите поранешни работодавци, посебно за малото дете за кого најмногу се грижела и го смета за свое.

Сандра Берендс всушност интервјуирала огромен број на жени кои работеле во овие услови за да го продуцира ова кохерентно сценарио кое ги обработува сите комплексности и сурови вистини со цел тие длабоко да пенетрираат под кожата на гледачите. Режисерката работела на реставрација на огромен број на стари видеа кои западот очајно сака да се заборават поради тоа што јасно искажуваат една вистина за силата, надежта и истрајноста која ја покажуваат луѓето, дури и кога животот им фрла лоши карти. За симболиката да биде уште позначајна, како што се раѓа првородената ќерка на Алима, така сонцето изгрева над една независна Индонезија.

5/5

Петра Бранковска