Kон „Пластична куќа“ во режија и кинематографија на Алисон Чорн
Оцена: 3.5/5
Документарното првенче на австралиско-камбоџанската режисерка Алисон Чорн е длабоко, интимно патешествие во нејзиниот избран начин како да се справи со трагедијата која ја искусила. Со времетраење од околу 46 минути, таа есенцијално го прикажува својот начин на жалење кон нејзините починати родители, решавајќи да се фокусира на физичка работа во нивната „пластична куќа“ растејќи различни видови на растенија.

Амбиенталната и двосмислена природа на документарецот го довела дури на Филмскиот Фестивал во Њујорк, а на Филмскиот Фестивал во Лима, Перу дури и се закитила со награда при Интернационалниот Натпревар. Има и причина зошто – и покрај навидум краткото времетраење и едноставниот, но многу личен концепт, Чорн успева да ги прикаже своите таленти како мултидисциплинарен уметник во документарец кој наликува на перформанс во живо. Овој исказ со себе носи и низа критики, затоа што истиот може да се протолкува и доста претенциозно. Благо кажано, начинот на кој таа се изразува, преку низата еднолични и репетитивни кадри (во кои главниот протагонист е токму нејзиниот лик кој ретко менува израз) може да се протолкува исто толку симпатично колку и отуѓувачки.
Иако официјално означен како доку-фикција, начинот на кој што режисерката ги монтира бледите слики на екранот од моментот кога започнува нејзината самотија, па се до непредвидливите временски услови кои ѝ го рушат ритуалот, длабоко сугерира дека целата приказна се одвива во текот на еден обичен ден на еден осамен работник. Нејзиниот ден е едноличен и едноставен, од садењето, прибирањето и пакувањето на плодовите, па до вечерните часови поминато на истиот музички систем со истите касети.

Може да се дозволи доза на шпекулација дека ваквиот пристап би бил помоќен, доколку субјектот не е самата авторка. Овој пат таа изгледа дека прави ненамерна штета затоа што повеќето од сцените не се доволно разбирливи, туку потсетуваат на недоразвиена мисла која само таа знае каде оди. Без разлика дали делото е дводимензионално или три, поврзувањето со медиум од ваков тип не е лесно и инстантно, особено кога делото е целосен производ на еден човек и една визија.
Петра Бранковска