Нема земја за Ирци

....„магична трагедија која вреди да биде последна во низата на еден значаен мајстор.“

Оцена: 5/5

Британскиот филозоф Бертранд Расел за една од опасностите која треба да се заштити во староста: „Непотребна апсорпција во минатото. Не треба да се живее во спомени, во жалење за старите добри денови или во тага за пријателите што се мртви“. Тематската формула која го движи „Ирецот“, новиот филм на Мартин Скорсезе, црпи инспирација од оваа филозофска мисла. Оттаму, не е тешко да се забележи потребата на Скорсезе, Роберт ДеНиро, Џо Пеши и Ал Пачино, во нивните доцни 70-ти преку мемориите на еден срушен човек да ископаат во рововите на минатото за да извлечат човечка оставнина полна со богатства, криминал, крв, лојалност, па предавство, скандали и мноштво мртви тела. 

Наративните документации на Чарлс Бренд, „Слушнав дека бојадисуваш куќи“ му служат како сведоштвата на Стивен Зејлијан кој ги адаптираше во филмско сценарио. Името е инспирирано од стар гангстерски код кој всушност значи „слушнав дека убиваш луѓе“, каде бојата е асоцирана со крвта која се распрснува откако куршумите се испукани во телото. Во книгата се опишува гангстерскиот хитмен Френк Ширан и неговата поврзаност со криминалната фамилија Буфалино и убиството на Џими Хофа. Иако самата книга и нејзините прераскажувања се демантирани од неколку сведоци, новинари и автори на криминалниот жанр, дали случувањата се вистинити или не, не го менуваат мисловниот процес на Скорсезе. Не трага по вистината, бидејќи тој е по заинтересиран во интимниот мост на оваа група гангстери, која од своите локални крими-претприемништва, прераснува во моќен фактор чија важност може да влијае и врз американските претседателски избори. 

Сите се одлични во овој масовен, три-ипол часовен филм. Од најмалиот статист до Роберт ДеНиро, кој го има скоро во секоја сцена и е монументален за целата приказна. Тој е Френк Ширан (Ирецот од насловот), срушениот човек, исполнет со каење и лоши одлуки, стар, осамен и отуѓен, решава да се наврати назад (кога е опкружен со пријатели и непријатели) и да ја сподели неговата приказна со публиката. Започнува во 1955 година, кога работи во ниските ранкови на италијанската мафија. Неговото ирско потекло му забранува да биде вистински дел од италијанската мафија и членовите го третираат само како соработник. Се до моментот кога во неговата олеснувачка конфесија не` запознава со Расел Буфалино (Џо Пеши), шефот на Североисточната Пенсилваниска криминална фамилија. Буфалино му врачува специјално направен златен прстен и го информира дека „..само тројца луѓе на светот го имаат прстенот и само еден од нив е Ирец“. 

Ова е првиот филм на Пеши по девет години, кој, иако се пензионира од глумење, одговори на повикот од старите пријатели. Познат по неговата избувливост и заканувачки магнетизам Џо го игра Буфалино со мудра спокојност бидејќи неговата репутација зборува за него. Пеши, ДеНиро и Скорсезе работат заедно по четврти пат. Во „Бесен Бик“, „Добри Момци“ и Казино“, нивното партнерство е обично проследено со нивните манијакални и нескротливи ликови. Можеби и една од причините зошто Пеши реши да се врати за еден последен пат е дека овој филм, ни за една секунда не е ист како нивните претходни. 

За прв пат, во овој микс од старошколски легенди, колку и да е тешко да се поверува, влегува Ал Пачино. Џими Хофа е маската која ја носи за Скорсезе. “Во тоа време, не постоеше никој кој не знаеше кој е Џими Хофа” – вели Френк Ширан. Како претседател на еден од најголемите и најмоќни синдикати во Америка, Хофа ја кренал оваа организација на уште повисоко ниво на независност и влијание со тоа што ја поврзал со организираниот криминал. Тука се спојуваат сите тројца како главните двигатели на приказната. Буфалино е мудриот лидер, Ширан е послушниот следбеник, мувата на ѕидот а Хофа е егоистичниот политичар. Неговата моќ и финансиска супериорност се во преден план, со што го прави Хофа бестрашен… премногу бестрашен за негово добро. Пачино знае точно кога да ги искористи своите силни вокални способности, но филмот не е без своите мирни моменти кои ги отсликуваат моменталните животни гледишта на режисерот. Скорсезе повеќе не е заинтересиран за младите “добри момци” ниту за испадот на последната “Голема генерација”, туку се прашува, откако сe` е кажано и готово, дали воопшто некој од овие ликови ги очекува последиците на криминалот, бидејќи филмот обработува луѓе кои што не веруваат во нив. 

Целата педесет-годишна сага е претставена во кинематографијата на Родриго Прието. Скорсезе и Прието соработуваат по трет пат, претходно на „Волкот од Вол Стрит“ и „Тишина“. Бидејќи филмот користи техника на “флешбек” раскажување, тројцата главни играчи се дигитално подмладени, за да можат и тие да ги играат своите помлади верзии. За да успее во овој подвиг, Прието го креирал „три-главото чудовиште“, три камери прикачени на еден механизам. Со помош на едната камера е снимана сцената, а другите две се користат за да се добијат останатите длабоки податоци кои ќе помогнат подмладувањето да биде повеќе природно. Потребно е навистина малку да ги навикнете очите да ги гледаат овие ликови на овој начин, бидејќи подмладувањето изгледа импресивно. За музиката се погрижија Роби Робертсон и Рандал Постер со две оригинални дела. Останатиот дел од музиката е составен од високо-профилни хит синглови. 

Иако Скорсезе неодамна изјави дека ова можеби е и неговиот последен филм, “Ирецот” е една магична трагедија која вреди да биде последна во низата на еден значаен мајстор. 

Марио Петковски 

Have your say