Ако очекувате макар еден момент емоционално ослободување во „Асистентката“ на Кити Грин, вашите очекувања би биле незадоволени. Џејн, која дели канцеларија со нејзините колеги, ретко добива заслуги за работата, но често е „заглавена“ со одреден тип на задачи. Кога сопругата на нејзиниот шеф ѕвони на телфон, од Џејн се очекува да ја крене слушалката. „Зошто јас?“ – прашува Џејн и одговорот кој го добива е едноставно кревање на рамениците на нејзините колеги, како сигнал за очигледното – таа е единствената жена во просторијата. Единствената ситуација во која се насетува симпатија или колегијален дух се должи на нивната заедничка работна „мизерија“. Под притисок да напише извинувачка е-порака кон шефот, по едно од неговите налутени избувнувања, на Џејн и помагаат двајца колеги, за кои гледачот лесно разбира дека била во таа ситуација претходно.
Кити Грин започна со развивање на идејата за „Асистентката“ откако на виделина излегоа обвинувањата кон Харви Вајнстајн. Но иако овој филм го адресира прашањето на сексуално вознемирување, тој не ги става во фокусот предаторот и неговите постапки. Напротив, никогаш не се појавува пред камерата, па публиката го перципира само преку очите на неговата асистентка и работната култура која ја има наметнато – прифаќање на мизогинијата, разлики во нивоата на моќ, психолошка тортура и тивкиот договор дека тишината е најдобриот начин да се оди напред. Како и во нејзиниот претходен филм (“Casting JonBenet”), Грин успева да го прикаже уникатниот агол кој не потфрла во претставувањето на комплексноста на темата која ја избрала.

Раскажан во еден работен ден, „Асистентката“ е поставен во голема филмска продукциска куќа, чии вработени работат во сиви и безлични канцеларии каде ретко има дневна светлина. Џејн (која ја игра Џулија Гарнер од „Озарк“) пристигнува пред изгрејсонце и рутински започнува со работа на нејзините утрински задачи. Тие се репетитивни и на почетокот изгледа сосем бесполезно да се набљудуваат од блиску – многу време поминато пред машината за фотокопирање, достава на предмети, телефонски повици. Но како што се таложат задачите, гледачот полека забележува дека нешто не е во ред. Почнуваат да се појавуваат прашања за шприцовите кои ги собира во своето шкафче, телефонските повици се посветени на закажување состаноци во хотелски соби, расчистувањето на канцеларијата на нејзиниот шеф бара неочекувана работа … Суптилно претставени, овие поединечни инциденти гласно одекнуваат, очекувајќи од гледачите да ги забележат сигналите, земајќи ги предвид сите информации од последните неколку години. Како што денот на Џејн одминува пред камерата, сите сомнителни детали стануваат блатантни престапи со кои таа треба да се справи.
Продуцентот за кој работи Џејн е адресиран само како „тој“, никогаш прикажан или споменат по име – единствено неговиот глас се слуша додека вика и се смее во телефонските повици или преку ѕидовите на канцеларијата. Тој – и ова можете да го замислите како заменка напишана со големи букви – е присутен насекаде и преку искуствата на неговата асистентка, режисерката успешно ги води гледачите кон разбирањето на тоа како успешната фигура на врвот влијае на токсичното однесување на сите нивоа и колку тешка може да биде борбата против ваквата работна околина.

Културата во продуцентската куќа е мешавина од почит кон неговиот успех, страв од неговиот бес и откажување од било какви обиди за промена. Во текот на една сцена, Џејн изгледа како конечно да ја достигнала „точката на кршење“, подготвена е да избега, но добива поинаква порака од него – комплименти за нејзините способности и „признание“ дека е строг кон неа, само поради потенцијалот што го има. Ова е тежок момент за гледање, ја тера Џејн да се сомнева во себеси и гледачите, а и нејзиниот шеф, знаат дека ветувањата за светла иднина лесно би ги увериле сите почетници да ги трпат вакви случувања.
Со поставувањето на вработена на пониските нивоа во една голема компанија во центарот на приказната, режисерката создала чувство на универзалност и изградила можност за поврзување со карактерот, во кој секој може да се пронајде. Овој добро осмислен филм е тивок, тишината ја заменуваат само повремените секојдневни канцелариски звуци, па ова остава простор за перформансот на Џејн и големата доверба која и е укажана. Ова е ризичен потег, но Гарнер е навистина победничкиот атрибут на филмот – со многу силна улога во „Озарк“, а овде со суптилни гестови и одразот на секое анксиозно чувство, секое разочарување и секој пораз во нејзините очи.

Иако можеби публиката ќе си помисли дека она што го гледа и не е толку вознемирувачко (затоа што се чини многу познато), се појавува загриженост за карактерот кој гледачот го следи низ целиот филм додека крајот остава многу незатворени прашања. Каква е иднината на Џејн? Што таа ќе одлучи да направи? „Асистентката“ не е скандалозен филм – завршува со многу малку промени од првичната состојба, но отвора многу прашања и токму тука лежи неговата моќ.
Лана Михаиловиќ (преземено од Duart.hr)