Русокоса девојка со исчекување го набљудува тестот за бременост во домашни услови и по кратко време, возбудено соопштува дека е бремена, гледајќи кон камерата. Набрзо по ваквиот „бурен“ почеток на филмот, гледачот дознава дека русокосата девојка се вика Паула и е во долгогодишна врска со режисерот и снимател, Андреи Даскалеску.
Почнувајќи од овој екстремно интимен момент во животите на идните родители, гледачот буквално како да ги гледа најважните настани во следните девет месеци низ очите на режисерот Даскалеску, поради тоа што и тој самиот го гледа светот низ леќите на камерата со која снима. Со други зборови, романскиот „Светиот татко“ е всушност одлично монтирана серија снимки од субјектите со кои режисерот интерактира (а се многу важни личности во неговиот живот). Кадрите во кои Даскалеску се појавува пред камерата буквално се бројат на прстите од едната рака, по што брзо наоѓа начин да „избега“ од неудобноста.

Откако ќе се прилагодат на новата реалност и фактот дека наскоро ќе имаат ќерка, младите родители одлучуваат да ја споделат среќната вест со своите семејства. Паула се соочува со низа разочарувања – од татко и за кого најважно е што мисли Даскалеску за нејзината бременост, до мајка ѝ и баба ѝ чии први зборови се буквално „Тоа е твој проблем“. Од друга страна, бабата и дедото на режисерот се единствените кои радоста за внучето ги понесува веднаш, па прават планови за подолг живот за да го гледаат најновиот член на семејството како расте. Сепак, најтешката одлука за Даскалеску е како да смогне сила и да му соопшти на сопствениот татко дека ќе стане дедо, а притоа да го пронајде одговорот на прашањето што го мачи од многу мал. Зошто татко му ги оставил Даскалеску, сестра му и мајка им, и ја напуштил Романија за да се замонаши на Атос?
Режисерот одлучува да го посети татка си на светиот остров, со што се кристализира срцевината на документарецот: односот помеѓу таткото-свештеник и синот-режисер, и нивните разговори за значењето на семејството и влијанието на родителите врз животите на нивните деца. Иако таткото на режисерот, во текот на неговиот прв престој на Атос, постојано го потсетува да ја исклучи камерата и избегнува да зборува на „тешките“ теми кои Даскалеску намерно ги отвора, втората посета на Атос отвора нови прашања. Режисерот се судира со субјективноста на сопствените сеќавања и неочекуваните информации за својата мајка, додека татко му, со голема тежина на срцето, се обидува да ги надмине раните од минатото.

Паралелно на оваа семејна драма која Даскалеску речиси воајеристички ја соголува пред гледачите преку неговата камера, „Светиот татко“ овозможува и да се ѕирне во животот на свештениците кои живеат на Атос и сите тајни што ова свето место ги крие од светот. Во една прекрасно осмислена сцена, камерата ги следи таткото и синот како со своите телефони ги „пребаруваат“ ѕвездите на небото, додека нивните сенки (осветлени од голем рефлектор) се проектирани на ѕидот на црквата. Кинематографските решенија се одлични во скоро секој кадар, а зрелата одлука на Даскалеску и Штефан Парлог (задолжени за монтажата) повремено да му дозволат на гледачот да „земе здив“ од потрагата по позитивни родителски модели му дава на „Светиот татко“ дополнителна нота на искреност и одмереност.

Во периодите помеѓу своите патувања на Атос, Даскалеску камерата ја фокусира на Паула која ги доживува и највисоките врвови и најниските падови, благодарение на хормоналните промени кои ги предизвикува бременоста. Сепак, во моментите во кои таа сосема слободно и рационално на глас размислува за својата актерска кариера и како да го „искористи“ филмот за напредок во истата, совршено јасно се поставува и прашањето: во својата потрага по рецептот за станување добар родител, колкава храброст тлеела во Даскалеску и Паула што ги натерала да си ги соголат животните приказни и семејните истории пред секој гледач што би го погледнал фимот?
Јована Ѓорѓиовска