„Светилникот” – Лекција по Психо-Фантастичен Хорор

...„реалистичноста на филмот е во неочекувано добар баланс со претенциозната апстрактност во епски размери.“

Оцена: 4/5

„Светилникот“ е еден од оние филмови кои жанровски тешко се класифицираат. Некаде помеѓу хумористична хорор фантазија и психолошки трилер на тема халуцинации и делузии, вториот долгометражен филм на Роберт Егерс (кој се прослави со „Вештерката“) се карактеризира со технички беспрекорно изведена атмосфера и помпезни амбиции за создавање на едно митско дело. Егерс како да сакал да направи школски пример за максимално искористување на парадигмата на изолирани карактери кои не можат да ја напуштат локацијата на која се наоѓаат, па направил филм кој најдобро може да се опише преку повеќе паралелни и навидум парадоксални обележја, впрочем како и двата главни ликови, неверојатно терсене карактерот на Томас Вејк (Вилем Дефо) и субмисивниот, но избувлив Ефреим Винслоу (Роберт Патинсон).

Со релативно едноставно сиже кое, на прв поглед, не остава премногу простор за неочекувани настани (Вејк и Винслоу живеат на мал напуштен остров, одржувајќи ги тамошниот светилник и просториите во кои живеат), вториот филм на Егерс е оригинален и многуслоевит приказ на машката осаменост, народните суеверија за морето, грчката митологија и конечно, борбата за моќ меѓу Вејк и Винслоу со суптилни хомоеротични тонови. Сепак, реалистичноста на филмот (претставена преку тешките услови за живот, исцрпувачките обврски на Винслоу наметнати од Вејк и сите можни телесни течности во прв план) е во неочекувано добар баланс со претенциозната апстрактност во епски размери. Со својата изведба на театрално напишаните монолози со Шекспировски призвук, Дефо е брилијантен како напатениот и налудничав бивш морнар, а Патинсон успева актерски да му парира само во ретки моменти. Темпото на приказната (монтажа на Луиз Форд) е турбулентно како немирно море, што дополнително ја замаглува границата помеѓу реалноста и психозата. Како во романтичарските класици, браќата Егерс често ги користат временските промени како најава за битките на ликовите со себе, другиот и природата.

Земајќи ја современата кинематографија како референтна точка, „Светилникот“ ја користи ретро естетиката очекувана за приказна која се случува во доцните 1890ти години на неверојатно свеж, па дури и хипнотизирачки начин (за што Џарин Блашке доби и номинација за Оскар). Дизајнот на звук (заслуга на Демијан Волпе) експоненцијално ја зголемува тегобноста на приказната која кулминира езотерично, па во еден момент се поставува прашањето дали генијалноста на Егерс всушност лежи во тоа што успева веќе видена приказна за лудилото предизвикано од неможноста да се достигне светата цел (во случајот, иронично тоа е централната светилка во светилникот) да ја спакува во нова артхаус обланда од 21-виот век. 

И покрај тоа што понекогаш не успева целосно да се издигне над хорор традицијата и да продре подлабоко во свеста на главните карактери, „Светилникот“ мајсторски го обработува метафоричното чистилиште за гревови. Штета што кохерентноста на приказната понекогаш се губи на сметка на атмосферското поентирање на режисерската замисла. Во спротивно, до публиката уште појасно би допрело прашањето: како вие се справувате со вашите демони?

Јована Ѓорѓиовска

Have your say