Кон „Сведок“ на Митко Панов
„Сведок“ е последниот филм на македонскиот режисер Митко Панов од неговиот филмски циклус посветен на по-југословенските војни, 1991 – 2001. Пред „Сведок“, Панов ги режираше „Војната заврши“ и „Јарани“. Последното остварување на Панов е акциона драма за амбициозен помлад соработник во Хашкиот трибунал во потрага по клучниот сведок во судски процес против обвинет за воени злосторства.

Документарниот дел на почетокот му ги дава потребните предзнаења на гледачот за темата на филмот. Документарните кадри претставуваат темел од кој приказната понатаму се гради. Добро е што авторите останале објективни и непристрасни околу прашањето кој е виновникот? Не се потенцира директно ниту една од завојуваните страни, туку се остава на гледачот сам да пресуди. Имало доста филмови на оваа тема која има доста материјал за снимање. Сепак овие теми и после речиси три децении се чувствителни.
Поради потеклото (германско, ирско) на главните актери дијалогот се води на англиски јазик и можеби е потребно да се синхронизира. Генерално режисерот направил добар кастинг. Се издвојува одличната игра на познатиот Бруно Ганц (Никола Радин), како и ирецот Падраик Деланеј во улогата на хашкиот иследник Винс Харингтон кои одлично ги одиграа своите улоги. Покрај двете главни улоги во филмот игра силна екипа во состав Рефет Абази, Наташа Петровиќ, Митко С. Апостоловски, Симеон Дамевски, Емир Хаџихафизбеговиќ итн.

Триото автори на сценариото Панов, Владислав Пасликовски и ко-авторот Давид Рикер добро си ја завршиле работата, освен евентуално крајот кој е делумно недоречен.
Посебна пофалба заслужува извонредната фотографија на унгарскиот директор на фотографија и долгогодишен соработник на Панов, Пјотор Јакса. Јакса е вистински мајстор на својот занает – тој како и во „Војната заврши“, така и со „Сведок“ ни носи волшебни пејсажи и одлични кадри во текот на целиот филм.

„Сведок“ е македонски филм иако ништо друго освен имињата на македонските уметници не укажува дека оваа копродукција е доминатно финансирана од Македонија. Од непознати причини филмов не беше речиси воопшто промовиран и немаше кино дистрибуција.
Потребно е македонските филмови, вклучувајќи го и „Сведок“, да развијат подобра маркетинг стратегија за филмот да стигне до што повеќе публика.
Филип Етмишовски